На Македонија и се заканува опасност од промена на демографската структура поради бегалската криза, предупредува стручната јавност. Експертот и поранешен министер за одбрана Трајан Гоцевски укажува дека Македонија во сите досегашни кризи низ кои поминала ја менувала демографската структура и дека тоа е случај и сега, посочувајќи дека овој проблем многу малку се анализира, а може да биде клучен за долгорочните перспективи на земјата.
-Не се знае колкав дел од овие луѓе ќе останат не само во Македонија туку и во соседните земји. Има проценка дека во Македонија веќе имаат останато поголем број луѓе за кои ние, за жал, немаме евиденција. Уште поопасно е дека тие се дел од одредени мрежи кои делуваат во Сирија, Авганистан и Ирак и тие веројатно доаѓаат со одредена цел.-изјави Гоцевски во Охрид каде деновиве учествуваше на меѓународната конференција посветена на современите безбедносни предизвици што ја организираше Институтот за безбедност, одбрана и мир при Филозофскиот факултет во Скопје.
Трајан Гоцевски
Македонија има мала популација и 1000 нови доселеници за неа се многу, сметаат експертите. Тие предвидуваат дека бројот на мигранти кои ќе останат во земјите на Балканот ќе расте со затворањето на границите на ЕУ. Ќе расте и притисокот врз безбедносните структури во земјата кои покрај големите напори што ги вложуваат немаат капацитет да се справат со големиот наплив на мигранти од југ. Според Гоцевски Македонија е во незавидна ситуација и буквално не може да направи ништо за да го спречи продирањето на бранот мигранти.
-Ние сега сме сведоци дека тие што ја создадоа ктризата седат многу на страна и држат лекции кој како треба да се однесува во регионот. Кризата може да се реши ако се почне од причините. Таа може да се сопре во Сирија, Авганистан и другите места, бидејќи овде ние решаваме само последици кои се дел од глобалната игра на која Македонија не може да влијае. – додава професорот Гоцевски.
Актуелната е четврта голема криза со која се соочува Македонија од прогласувањето на независноста, по премрежјата во 1991та, напливот на бегалци од Косово во 1999та и конфликтот во 2001. Стручњаците проценуваат дека мигрантската криза ќе се интензивира во наредниот период што ќе има безбедносни и економски импликации врз Македонија.
Г.М.