Миграцијата е еден од глобалните предизвици што ќе трае и понатаму. Затоа е многу важно да се има мултидисциплинарен пристап и заеднички политики на сите држави, истакна денеска во Струга министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски пред учесниците на регионалната програма за миграции – Хуманитарен аспект на мешани миграциски текови, што ја организира Црвениот крст на Република Северна Македонија.

На настанот учествуваат 45 млади лица од Северна Македонија, Црна Гора и Србија, кои имаат можност да разменат искуства и информации и да го збогатат своето знаење за справувањето со миграциите.

Ние како држава далеку напреднавме во однос на подготвеноста за одговор на справувањето со последиците од миграцијата ако погледнеме во 2015 година и денеска. Впрочем така напредуваа државите и во регионот и во ЕУ. Ние сме целосно усогласени со политиките за справувањето со миграции со ЕУ, заеднички политики имаме со државите од регионот, бидејќи само така е можно успешно да се справуваме, рече Спасовски.

Миграцијата како феномен, посочи, е нешто што ќе не оптоварува и во иднина и има влијание во повеќе аспекти, меѓу кои се безбедноста, хуманиот, човечкиот пристап кон луѓето коишто бараат заштита и економскиот.

Првиот феномен што за нас е најважен е секако да се сочува безбедноста, стабилноста за граѓаните, за државата и да им помогнеме секако на луѓето кои бараат заштита. Посебно важно е да се спомене дека ние практично се справуваме со последиците од миграцијата. Ние не решаваме проблем на миграцијата, бидејќи миграцијата мора да се решава на изворот на проблемот, таму каде што се создадени услови од кои луѓето бараат прибежиште на друго место, посочи Спасовски.

Република Северна Македонија, нагласи, е целосно услогласена со европските политики.

Клучната цел на државата и на МВР е насочена во два правци. Едниот е да имаме хуман пристап почитувајќи ги сите човекови права и од друга страна грижата за безбедноста на сопствените граѓани и државата. Тој баланс мора да биде направен и тука е таа тесна соработка која ја имавме, додаде министерот, подвлекувајќи дека никој незнае кога и од кои причини може да се отвори криза која ќе придонесе за нови мигрантски бранови.

Генералниот секретар на Црвениот крст Саит Саити смета дека со работилницата ќе дадат придонес за градење поадекватни одговори на предизвиците кои ќе ги предизвикуваат миграциите во иднина.

Живееме во еден турбулентен свет и мора да се подготвуваме како одговорни организации и поединци да го дадеме сите ние потребниот придонес за решавање на тие универзални цивилизациски прашања, поготово аспектот кој е поврзан со нашето работење, хуманитарниот аспект на предизвиците кој овој феномен ги предизвикува, рече Саити.

Деканот на Факултетот за безбедност Никола Дујовски смета дека миграциите се еден од најпозитивните текови на општеството.

Така се развива човештвото. Уште од старите времиња благодарение на миграциите напредува секој континент во светот и мора да ги гледаме миграциите како многу позитивно прашање. И денеска се случува една позитвина миграција во светот. Ние можеби ќе жалиме заради одливот на мозоци, но младите кои можат да се снајдат заминуваат во Западна Европа, која се соочува со истиот проблем. Од таму високите профеиси, заминуваат во САД…, појасни Дујовски.

Програмата за миграции „Хуманитарен аспект на мешани миграциски текови” од денека до петок ќе им овозможи на учесниците теориски и реален приказ на комплексноста на мигрантските кризи и текови. Програмата е подржана и финансирана од страна на Швајцарскиот Црвен крст, Швајцарската Агенција за Развој и Меѓународната Федерација на Црвен крст и Црвена полумесечина.

OhridNews