Во овој момент се наоѓаме во војна, но одново ќе го изградиме она што го изгубивме, ќе ги обесштетиме погодените, порача грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис од Парламентот, осврнувајќи се на пожарите во земјата и истакна дека прв приоритет секогаш мора да биде заштитата на човечкиот живот, јави дописничката на МИА од Атина.

За ситуацијата на Родос рече дека и покрај големиот пожар и силниот ветер кој дополнително го разгорува пожарот и го отежнува гаснењето, сепак, „десетици илјади лица организирано и навремено беа пренесени на безбедни места“ и додаде дека „претстојат уште три тешки денови“.

За среќа, и покрај невидениот залет на пожарот, нема загубени животи, нема сериозно повредени, за уште еднаш да се докаже дека пред манијата на природата, ниту една мерка никогаш нема да биде доволна. Уште повеќе што летово има континуирани интензивни топлотни бранови, со повисоки температури, со поголема суша, рече Мицотакис.

Тој истакна дека државата не потфрлила, била зајакната „како никогаш досега“ со дополнителни воздушни средства за гаснење и повеќе пожарникари и потенцираше дека бројот за итни случаи 112 е „скапоцен, бидејќи спаси животи на илјадници луѓе“, што воедно е и нивниот главен приоритет.

OhridNews