За помалку од 50 дена од денеска започнува предизборната трка за првиот круг на претседателски избори, очекуваме врз основа на тоа кое што можеме да го забележиме од Охрид и охриѓани е добар резултат овде во Охрид, рече претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски при денешниот увид во градежните активности од тековните проекти во Охрид.
Очекуваме огромна победа. Би било нескромно ако кажам можеби и двојна победа во однос на конкурентот кој што доаѓа од СДСМ. Исто така како ВМРО-ДПМНЕ очекуваме како партија и како коалиција на парламентарните избори добар резултат и огромна победа. И веднаш после победата на парламентарните избори најдоцна до средината на јуни месец формирање на Влада која што ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ. По тоа ни е во план средината на јули месец ребаланс на Буџетот и веќе од есента да бидат распишани тендерите за проектите кои што централната Влада ќе ги финансира овде во Општина Охрид, а за кои што многупати сме зборувале во изминатите мои посети. Јас знам дека Општина Охрид има подготвено такви проекти и цениме дека не очекува една голема инвестициска градежна офанзива, посочи Мицкоски.
Тој најави дека во тек се и внатрепартиски процедури за избор на кандидати за пратеници од Охрид.
Кандидати кои се победници, чесни луѓе, луѓе кои го сакаат Охрид и Македонија, луѓе кои сум убеден дека ќе работат за Охрид и Македонија. Исто така, имаме внатрепартиска процедура за избор на кандидати за пратеници, имаме мерење граѓанско и во рамки на партијата. Ќе бидат анкетирани огромно мнозинство од членовите кои се ажурирани, ќе бидат прашани преку граѓанска анкета Охриѓани за неколку имиња кои се во потесниот круг од можни идни пратеници, луѓе кои ќе се борат за тансформација на Охрид и Македонија. Ценам дека со тие имиња ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата во Охрид ќе имаат историски резултати и огромна победа во однос на политичките конкуренти.
Одговарајќи на новинарски прашања за шпекулациите дека професорката Гордана Силјаноска Давкова ќе биде партискиот кандидат во трката за претседател на државата, Мицковски нагласи дека партијата има јавна и транспарентна постапка.
Во моментот имаме јавен повик, кој ќе трае до 21 февруари. Сите заинтересирани кандидати имаат можност да аплицираат и потоа на конвенцијата нешто помалку од 500 делегати ќе одлучат кој ќе биде кандидат и идниот претседател на Македонија, рече Мицкоски.
Прашан за коментар за окрупнувањето на, условно кажано, албанската опозиција, Мицкоски истакна дека на обединувањето на повеќето партии во еден опозициски блок гледа како добар чекор за демократијата во Македонија и дека истата ја поздравува и ја поддржува, затоа што веќе е дојдено време после околу 22 години на власт, ДУИ да оди во опозиција.
Како добар чекор за демократијата во Македонија, го поздравувам, до охрабрувам и мислам дека е дојден крајот на нај долговечната политичка партија на власт во Македонија повеќе од 22 години, Демократската унија за интеграција. И добро е да замине конечно во опозиција, да доживее внатрешна катарза, реформирање, реструктуирање и после четири години да ја презентира својата нова понуда со која што граѓаните ќе можат да одлучат дали ќе бидат конкурентни или не.
Во однос на прашањето за надминување на кризата со пасошите, Мицкоски рече дека решението е понудено во закон, доставен до Парламентот и чека поддршка од владејачкото мнозинство.
Како што тоа го направија со европското знаме за законот за игри на среќа кога се прави обид да се легализира онлајн обложувањето и друг тип на користење игри на среќа преку мобилен телефон, така можат брзо и експресно да го поддржат законот кој пратениците на ВМРО – ДПМНЕ го предложија во Парламентот. Ги охрабрувам и ги повикувам да ставиме заедно крај на оваа голгота која се случува како резултат на нивните погрешни политики, додаде Мицкоски.
Н.С.Ј.
фото. Б. Стојаноски