Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа што поточно се разговараше на состанокот на тема – цените во маркетите, одржан утрово во Владата, истакна дека заедно со министерот за економија и труд, заменикот, претседателот на Комисијата за заштита на конкуренцијата и директорот на Државниот пазарен инспекторат договориле чекори коишто ќе се случат почнувајќи од денеска.
Знаете дека за време на вчерашната прес-конференција, на самата иста прес-конференција беа потенцирани два ланци на маркети коишто, од страна на ваши колеги, коишто можеби, според нивното кажување, прават одредени, би рекол изигрувања на законите и процедурите и денеска истите тие ќе подлежат на ригорозна контрола и деновиве коишто следат. Бидејќи според информациите со коишто располагаме, имаме отприлика околу 20.000 коминтенти по ланец супермаркети и ќе треба да длабоко се навлезе во тоа да видиме дали постојат вакви индиции, посочи Мицкоски.
Но, истовремено и други трговски објекти, потенцираше, ќе бидат подложни на ваков тип на контроли, бидејќи стандардот на граѓаните е приоритет.
Како Влада ќе сториме се да го заштитиме стандардот на граѓаните. И тоа треба сите да го знаат и да знаат дека сме сериозни и овој напад, го сфаќаме како напад врз стандардот на граѓаните, а ние како Влада имаме право и обврска да го штитиме интересот, јавниот и интересот и стандардот на граѓаните, додаде Мицкоски.
OhridNews