Во нашата држава се случувале негирања и проблеми со државноста, суштествени проблеми за опстанокот на нацијата и државата, имавме и воена криза, вооружен конфликт, се случил пад на авион, потонување на брод, пад на хеликоптер, масакр на невини луѓе, деца кај Смилковско, се случувал тероризам како Диво Насеље, имало обиди за дестабилизација имало свесни подметнувања и сценарија, имало и големи и помали несреќи. Секоја со својата тежина и со свој интензитет на трагичност во себе. Но, ова е кулминацијата на еден лош, забревтан систем кој ги јаде нашите надежи, а покрај надежите и нашите соништа. Или ќе го победиме ние него или тој ќе оставиме да не победи нас. Ова на прес конференција вечерва во Владата го истакна премиерот Христијан Мицкоски.

Победа над тој систем е можна само со одважност, доблест и принципи во кои веруваме, никако поинаку, не можеш да го излажеш тој систем, затоа што се храни од лагата и така станува посилен. Систем во кој погрешни луѓе носеле погрешни одлуки. Да знаете, само со одважност, доблест и личен пример, со лична жртва може да се избориме и да го победиме тоа зло. Тоа зло на корупција и злоупотреби на институциите, приватизирање на државата и уништување на се што е правично и нормално, зло во кое сите работеле и соработувале меѓу себе на штета на сиот нормален свет, рече премиерот.

 

Тој истакна дека објектот каде се случи несреќата има фалсификувана лиценца, која била издадена март, 2024 за мито.

Тоа е документ за работа на кабаре, кој е издаден нелегално, со оригинален печат на Министерството за економија и потпис на тогашните официјални лица на истото тоа министерство. Има тука многу прашања кои истрагата ќе ги одговори. Оттука, во сето ова што ни се случува и ни се случи, најпрво мора да има кривична одговорност за сите до еден инволвирани, без разлика кој од која институција е, на кое ниво, од која партија, од која професија итн., итн. до последниот. Очекувајте кога станува збор за одговорност, дека нема да има милост. Ќе мора да има одговорност со име и презиме. Во хируршки прецизна акција на институциите. Без милост, додаде Мицкоски.

Потребна е демонстрација на морална одговорност, смета Мицкоски.

И јас по ова прашање немам дилеми, ниту пак ќе калкулирам. На мене не ми е потребна власт по секоја цена, но јас сум тука да се борам и да демонстрирам со личен пример како сметам дека треба понатаму, и што доколку се откажеме. Тогаш ќе дозволам ли да победи корумпираниот систем? Секако дека нема. Во наредните денови ќе преземеме низа на мерки и активности и одлуки кои ќе значат многу во борбата за оваа земја и во име на сите жртви на оваа трагедија и на нивните семејства. Тоа Ви го должам Вам, го должам и на семејствата на загинатите, и на медиумите и на секој еден човек во Македонија, рече Мицкоски.

Денес најважно е да изразиме сочувство кон семејствата, да се молиме за семејствата на загинатите и повредените и за народот на Македонија, дополни премиерот. Повика на заедништво и сплотеност и најави почеток на едно големо ресетирање на системот.

Мора да демонстрираме ние како политичари нешто различно нешто цврсто и принципиелно, кое ќе може да го совлада овој систем кој ја проголтува нашата држава и е главна пречка и главна закана и опасност за тоа дали оваа земја ќе преживее или не. Или ќе нè биде овој пат или како држава ќе престанеме да постоиме. Овој пат нема да има повлекување, истакна Мицкоси.

Не сакам да се политизира овој настан во смисла на тоа дека некој се обидува да набеди друга партија за одговорност, продолжи Мицкоски. Ова не е меѓупартиска битка ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, туку ова е битка на чесните против нечесните и корумпираните од сите партии и сите институции, рече премиерот.

Ова го зборувам за сите чесни луѓе во Македонија, и во ВМРО-ДПМНЕ, и во СДСМ, и во Вреди, и во ДУИ и во други партии кои искрено сакаат државата да има ред и поредок. Без разлика на идеолошките разлики мора да се стави крај на корупцијата и да се срозат корумпираните и раскалашени луѓе кои ги злоупотребуваат институциите исто како што тие го срозија и прегазија ова што денеска го гледавме, а тоа се нашите души. Ова е борба против чудовиште кое ја проголтува иднината на земјата и зема со себе жртви. Ни ги зема најмилите. И победата врз него е наша обврска, истакна Мицкоски.

Ако има одговорност при непостапување во минатиот период ќе се преземат соодветни чекори, најави Мицкоски.

Ќе се разгледаат и испитаат од страна на институциите сите аспекти и сите проблеми кои доведоа до оваа трагедија без скрупули кон никого. Ќе се испитаат аспектите на контрола и се она кое јавноста оправдано го детектира како проблем и предизвик на општеството. Затоа велам, јас сум одлучен и ќе постапувам одлучно. Ќе има решителни чекори и одлуки. Ќе има чекори на кои јавноста не е навикната, но промените почнуваат од нас самите, подвлече премиерот Мицкоски.

Г.М.