Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски го искористи првиот ден од предизборната кампања од Охрид да најави дека идната власт што ќе ја предводат ќе биде сервис на сите граѓани и блиску ќе соработува со сите градоначалници, независно од која партија тие доаѓаат. Посочи дека во предизборната програмата „Платформа 1198“ се опфатени и многу значајни инфраструктурни проекти.
Повеќе од 2 милјарди евра се планирани да се инвестираат во инфраструктурата. Тука е оној проект кој е многу значаен, а тоа е релоцирање средства кон општините, во вредност од 250 милиони евра годишно или за еден 4 годишен мандат тоа би било точно 1 милјадра евра. Ги повикувам општините не само таму каде што имаме градоначалници кои доаѓаат од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, туку и во оние каде има градоначалници од СДСМ, ДУИ, Алијанса на Албанците, Беса и независни градоначалници, да прават проекти бидејќи, откако ребалансот на буџетот ќе се случи во јули, првиот оглас ќе биде објавен есента, за да може да аплицираат за проекти кои ќе се важни за граѓаните. Амбицијата ни е во еден момент да се работи на минимум 500 точки, на 500 локации на територијата на цела Македонија, со што ќе бидат задоволени потребите на граѓаните. Ние сакаме да бидеме влада за сите граѓани и да покажаме дека не се сите политичари исти и немаме намера да ги делиме граѓаните како тоа што го правеше сегашната Влада, рече Мицкоски.
Еден од приоритетите, потенцираше е и конечно завршување на автопатот Кичево -Охрид кој според нивната анализа би било во втората половина на 2026 година. Ги посочи и реализација на тековните автопати Тетово-Гостивар, Прилеп-Битола и многу други проекти поврзани со локалната инфраструктура, железничката, како дел од „Платформа 1198“.
Во поглед на очекувања од кампањата истакна дека водат позитивна кампања, кампања на проекти, кампања на надеж, кампања која ќе ја врати довербата во институциите по шест и половина години многу криминал грабеж на институциите на Македонија.
Одговарајќи на новинарско прашање околу реакцијата на СДСМ за наводната жестока реторика и нивно поистоветување со ДУИ, посочи дека фактот што ДУИ во кампањата ја критикува работата на СДСМ, а СДСМ нема кажано збор против ДУИ покажува дека СДСМ се само измеќари на ДУИ.
Н.С.Ј.
фото. Б. Стојаноски