Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање, од кога започнува акцијата за новогодишна кошница, којашто пред десетина дена беше најавена на прес-конференција во Владата, објасни дека акцијата започнува од 15 декември, а бројката на производи е зголемена за повеќе од 800.

Да, јас би сакал тука да кажам, дека на мое големо задоволство компаниите, трговците, производителите, дистрибутерите, бројката на производи ја зголемуваат и таа е повеќе од 800, веќе не е 600. Сите тие ќе бидат означени, а за тоа ќе се грижи Државниот пазарен инспекторат, којшто континуирано ќе ја следи работата на маркетите, и очекувам навистина да биде како да кажам, семејниот буџет да биде заштитен со намалувањето на цените на овие производи. Инаку што се однесува од кога почнува, од 15 декември, тоа е за два дена, денеска е 13. За два дена започнува оваа акција, очекувам позитивни ефекти и очекувам нормално, да биде што побогата за празниците потрошувачката кошничка на граѓаните, за помалку пари. И тоа е наша цел и наша задача како Влада, да го овозможиме, изјави премиерот Мицкоски.

OhridNews