Очекувам 2025 година да биде поуспешна од 2024 година иако и 2024 година ја завршуваме со подобри резултати од очекуваните кога станува збор на економски план. Очекуваме да имаме раст на БДП за четвртиот квартал со што севкупно во целата година да биде 2,7 па дури и 3%, а нивото на странски инвестиции за надмине над 1 милијардa евра. Во делот на инфраструктурата очекувам да се завршат сите овие проекти кои последниве шест месеци засилено се работат, рече премиерот Христијан Мицкоски.
Посочи дека во сабота ќе биде пуштен во употреба експресниот пат Страцин (Чатал) – Крива Паланка, а во втората половина на месец јануари и делницата од експресниот пат Градско-Фариш, како и првиот дел од пругата кон Бугарија, Куманово-Бељаковце.
Очекувам пред почетокот на туристичката сезона во Охрид да биде пуштена и делницата од Врбјани до Охрид на автопатот Кичево-Охрид, со исклучок на делот кај село Ботун, каде има свлечиште на чие отстранување се работи, а до крајот на 2026 година очекувам да се пушти целата автопатска делница помеѓу Кичево и Охрид.
Мицкоски истакна и дека забрзано се работи и на автопатите на Коридорот 8 и Коридорот 10 д.
Патот Гостивар-Букојчани се работи, очекувам да заврши тендерот којшто ќе ги поврзе Букојчани со автопатот Кичево-Охрид. Исто така забрзано се работи на патот Прилеп- Битола, очекувам да отпочне Тетово-Гостивар и Требениште – ГП Ќафасан по нова рута бидејќи сегашната навлегува во делот што е заштитен од УНЕСКО, изјави Мицкоски.
Потенцираше дека следнава 2025 година се очекува со засилено темпо да се работи на отпочнатите проекти, дел и да се завршат, по што ќе отпочне реалзиацијата и на нови проекти.
Очекувам успешна година на економски план, додаде Мицкоски.
Н.С.Ј.