Пропустот за контролирањето дали одредена дискотетека или кабаре ги исполнува условите е направен со измените во Законот во 2007 година според кои правното лице е тоа кое самото тврди дека ги исполнува условите, рече премиерот Христијан Мицкоски. Посочи дека за надминување на таквите пропусти ќе бидат направени измени на Законот за угостителство за што ќе се формира работна група. Соопшти дека од вчера и други органи во рамки на своите институции формирале комисии за да се проверат сите лиценци во државата.

Во моментот трае акција на ДПИ на целата територија на државата. Согласно Законот за угостителство се лиценцираат кабареа, отворени и затворени дискотеки. Би кажал дека не е толкава бројката на целата територија, но е многу многу поголема од тие што имаат обезбедено законски документи. Во 2007 година е сменет законот, во тие измени докмуентите кои ги доставува правното лице подносител на барање за лиценца тврди од морална, материјална и кривична одговорност дека ги исполнува условите. Проблемот е што екс пофицио не се проверени тие документи, така што овој објект од 500 квадрати не може по ниту еден основ да биде кабаре и да бара лиценца за кабаре. Тука е дополнително проблемот правен затоа што за дискотеките надоместот што треба да се плати е поголем во однос на тие што се лиценцираат како кабаре, истакна Мицкоски.

Потенцираше дека ниту еден објект кој не ги исполнува, како што стои според Законот минимум техничките услови, нема да биде оставен да функционира.

Тоа што можам да го направам како премиер, и вчера и денеска на седница на Влада е робусна акција, жестока контрола и сите кои не ги исполнуваат условите согласно закон ќе бидат затворени и санкционирани, рече Мицкоски.

Прецизираше дека до 2007 година ДПИ утврдувал дали се исполнети минимум техничките услови, а со измените правното лице доставува со изјава под полна материјална, морална и кривична одговорност дека се исполнети минималните технички услови.

Пазарниот инспекторат постапува по пријава, не е должен во временски период ниту по стекнување на дозволата да излезе на терен. Се постапува апсолутно по пријава, а конкретно за овој објект имало во 2022 година. Во 2021 е издадена лиценца првпат, а објектот работел од 2014. Вторпат лиценца е издадена во 2023 година, а фалсификувана е лиценцата во 2024 година.  Значи, да дојде инспекција да провери, тој ќе ја извади лиценцата и ќе рече точно овој има лиценца, Но, ако го погледнете архивскиот број и проверите во архивата што ја проверува сега министерот за економија ќе видите дека станува збор за некое барање на некој хотел во Охрид и втората фалсификувана лиценца е коресподенција со странски инвеститор, нема никаква врска со лиценца, рече Мицкоски.

Како што нагласи, тоа не е проблем дали некој е политички заштитен, туку е криминал, растурен систем, поедици кои мислат дека се над системот.

Тоа е проблемот и тие денеска се во притвор. И за ова ќе одговараат, нема горна граница на пропишана казна, го слушнав обвинителот дека бараат најдолга можна запретена казна од 20 години, додаде Мицкоски.

OhridNews