Власта не создава услови за фер избори на сите учесници и тоа се гледа од илјадниците активни огласи за вработувања во јавната администрација во очи изборите, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски викендов во Вевчани, запрашан од новинарите дали власта создава услови за фер избори.
Мицкоски посочи дека од самиот почеток изборната трка не е со еднакви услови и можности за сите и ја обвини власта за вршење поткуп.
Моментално имаме повеќе од илјада активни огласи во државната администрација. Се обидуваат со еден поткуп, илјада, илјада и петстотини денари, кој што и онака претходно ги покрадоа ги зедоа да ги залажат граѓаните, рече Мицкоски.
Друг параметар, вели Мицкоски, од кој што може да се види дека нема еднакви и фер услови за сите во изборната трка е и празното место во Државната изборна комисија кое му припаѓа на албанската опозиција, а кое власта не го пополнува.
Изборите од самиот почеток не се фер, гледате дека не го пополнуваат местото кое што и припаѓа на албанската опозиција во Државната изборна комисија. Самиот процес од самиот почеток има многу недостатоци, но мора да издржиме уште овие три месеци до почетокот на официјалната кампања, да ги совладаме а потоа да има одговорност, рече Мицкоски.
Има сигнали, додаде тој, од партии кои се сега во власта, да се приклучат кон ВМРО-ДПМНЕ.
Ние направивме комисија, таква е процедурата, и во периодот кој следи таа ќе има состаноци со сите политички партии во Македонија. Очекуваме да ја прифатат програмата и платформата која ја нуди ВМРО-ДПМНЕ и врз основа на една таква платформа и програма да ја вратиме Македонија онаму каде и е местото, каква што сакавме да ја видиме во оние рани 90ти, додаде Мицкоски.
OhridNews