Имаме доволен број на пожарникари и доволен број припадници на Армијата и на МВР за да се справиме со пожарите, иако станува збор за огнена стихија која е на својот историски пик. Само вчера имавме 66 активни пожари на отворено, 40 успеавме успешно да ги изгасиме. Имајќи ја предвид температурата која што следи, ќе продолжиме со ваквите предизвици да се бориме и во август. Не очекувам големи промени, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски по потпишување на договор за франшиза на Тиквеш инвест со хотелот Холидеј Ин во Кавадарци.
Тој на новинарско прашање за обвинувањата на СДСМ поврзани со пожарите, напомена дека нема да коментира политичари и политички партии коишто имаат некрофилски намери.
Владата која што јас ја предводам прв работен ден имаше на 24 јуни. Првиот посериозен пожар на планината Серта беше на 10 јули, 17 дена од мојот прв работен ден. Хеликоптерите коишто се користат при вакви кризни состојби беа на сервис, воздухопловите – авионите беа приземени поради дефект, а пилотите коишто треба да ги управуваат беа во пензија. Борбата со огнената стихија ја почнавме благодарение на единиците на локалната самоуправа, на општините, и на луѓе коишто во тој момент беа подготвени да помогнат. Потоа и хеликоптерите беа ставани во употреба. Технички беше интервенирано на воздухопловите, при што три станаа оперативни. Луѓето коишто ги управуваат беа во пензија ги вративме со договор на дело, рече Мицкоски.
Во меѓувреме, напомена, прогласиле кризна состојба поради борбата со огнената стихија, но истовремено го активираа и Европскиот механизам за помош при кризни состојби.
Кога го активиравме тој механизам помош ни дојде од соседна Србија, помош дојде од Црна Гора, од Словенија, од Турција, од Романија и во тој прв бран ја совладавме огнената стихија. Понатаму, продолжи борбата со огнената стихија, но не само кај нас, туку секаде во Европа, додаде Мицкоски.
Тој потенцираше дека вчера имавме историски незапаметен број на пожари на отворено – 66 и информираше дека според информациите од МВР, постои основано сомневање дека причина за овие пожари во голема мера е невнимателност, а во голема мера е и намера истите да се предизвикаат.
Ние ќе се бориме. Повторно го активиравме Европскиот механизам за барање поддршка во ваква кризна состојба. Република Чешка одговори со еден хеликоптер којшто треба денеска да пристигне, соседна Србија со уште еден хеликоптер, Унгарија утре ќе испрати четири теренци коишто се потребни за пределите коишто се непристапни. Истовремено и Словенија позитивно одговори. Германија ќе испрати два авиона и тој е капацитетот којшто ние во моментот можеме да го прифатиме. Можам да кажам дека состојбата целосно или делумно е или ќе биде ставена под контрола, рече Мицкоски.
OhridNews