Денеска на Клиниката за пластична хирургија во посета на повредените пациенти од пожарот во Кочани беа министерот за здравство, Арбен Таравари заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски и претставници на кризниот штаб.

Здравствениот систем е целосно мобилизиран со сите расположливи ресурси и капацитети во третманот и грижата за повредените лица од трагичниот настан. Состојбата на сите пациенти се следи континуирано и се спроведуваат конзилијарни одлуки за натамошниот третман, посочуваат од Министерството за здравство.

Премиерот Христијан Мицкоски изрази благодарност до здравствените работници за пожртвуваноста која што ја манифестираат, на соседите и на сите земји кои што излегоа во пресрет и прифатија дел од пациентите, на оние кои што испратија свои медицински тимови.

Борбата ќе продолжи и во деновите кои што следат. Министерот напомена дека сите оние кои што биле во или околу објектот на овој ужасен настан да се пријават на лекар и да побараат медицинска помош, затоа што може да има ефекти после неколку дена. Така што да следиме како ќе се развива состојбата, се прават натчовечки напори за да бидат сите пациенти стабилни и да си отидат дома во полна здравствена кондиција и состојба, рече Мицкоски.

Посочи и дека јавноста навремено ќе биде информирана за сите можности за донации.

Н.С.Ј.