Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски присуствуваше во Ташмаруништа по повод празникот Илинден од каде испрати порака за обединување во блок против актуелната власт.
На една маса мораме да седнеме сите на кои Македонија ни е важна и таквата подадена рака ќе значи свесен чекор и одговорност спрема народот. Народот ќе ја види разликата. Една прачка лесно се крши, но цел сноб прачки е силен како греда. Затоа тука од Ташмаруништа, на ден Илинден испраќам порака на обединување, на нешто што е многу повеќе од коалиција за власт, туку обединување на блок, составен од обесправени, жедни за правда и добар живот против власта која ги краде нашите животи и ја одзема иднината. Илинден обедини генерации Македонци за слобода, испраќам апел за обединување против Заев и рушење на најлошата власт до сега, рече Мицковски.
Илинден, како што нагласи, е нашата светост, посебно чувство за секој Македонец.
Тоа е нашата голгота, без која немаше да има слобода. Нашата карпа врз која ја темелиме нашата куќа, атоа како Македонци, како родољуби се поклонуваме на делото, додаде Мицковски.
Во своето обраќање пред присутните се осврна на одлуката на претседателот Стево Пендаровски да нема говор на Мечкин Камен, за како што рече, стравот од народот, кој ќе им каже што мисли за нивното владеење.Тој предходно ја одби поканата од претседателот Стево Пендаровски да присуствува денеска во 18 часот на централната прослава на Денот на републиката во Крушево и најави дека Илинден традиционално ќе го одбележи во Ташмаруништа, а новиот концепт на прослава на Илинден инициран од шефот на државата го нарече импровизирано чествување на најголемиот празник на македонскиот народ и циркуски церемонијал.
Местото на земјава, нагласи Мицкоски е во семејството на Европската унија, а мини шенгенот кој неодамна го договорил премиерот Зоран Заев, го оцени како уште еден пораз за државата и не ја исполнил најголема стратешка цел, членството во Унијата.
OhridNews