ВМРО-ДПМНЕ нема да ги поддржи промените во македонскиот Устав барани од Бугарија, бидејќи немаме никаква гаранција дека со тоа се затвараат сите отворени прашања меѓу двете земји, изјави денеска лидерот на партијата Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање.  Во врска со најавите на министерот за надворешни работи Бујар Османи дека можеби Бугарија ќе го тргне ветото до јуни тој смета дека преговорите со Европската унија нема да почнат се додека не ја испочитуваме целокупната преговарачка рамка.

Во таа преговарачка рамка ќе бидат вклучени барањата од страна на Бугарија, вклучително интервенцијата во македонскиот Устав. ВМРО-ДПМНЕ нема да ги поддржи тие промени во македонскиот Устав, бидејќи за тоа се потребни две третини, токму поради тоа што немаме никаква гаранција дека со тоа се затвoраат сите отворени прашања помеѓу Македонија и Бугарија и дека до самото членство на Македонија во рамките на ЕУ нема да имаме повеќе вакви барања од страна на политичарите кај нашиот источен сосед, рече Мицкоски.

Според него, само Европа може да направи нешто, обвинувајќи го Османи дека ја манипулира јавноста. Едно е јасно. Ако зависи од него и од Ковачевски и Петков, преговори нема да има. Ќе има во најдобар случај, меѓувладина конференција односно настан за камерите и за фотоапаратите без суштина, а преговори ќе има кога ќе бидат исполнети бугарските барања коишто Ковачевски и Османи сакаат да ги прифатат и да бидат дел од преговарачката рамка. ВМРО ДПМНЕ нема никогаш да се согласи, подвлече Мицкоски.

Ги охрабри лидерите на земјите членки во ЕУ, како што се обединети околу кршењето на меѓународното право во Украина, да се обединат околу кршењето на меѓународното право кога станува збор за Македонија и правото коешто се крши, и се оспорува од страна на една земја членка и не спречува да ги почнеме преговорите.

Навистина е жално и тажно што ние во 21 век се уште зборуваме за вакви теми. Овој народ треба да покаже и докаже дека местото му е таму, местото е во Европа. Овој народ многу направил за таа иста Европа и овојпат очекувам Европа да се обедини околу прашањето на Македонија и конечно во јуни да почнеме да преговараме со таа иста Европа, поготово колкави знаења имаме и какви вештини имаме тоа ќе зависи од нас, изјави Мицкоски.

Мицкоски истакна и дека месеци повикува на дијалог, бидејќи како што рече, Македонија е во криза. Го повика претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски и лидерите на коалициските партнери да седнат да разговараат за датум за предвремени избори.

До тогаш му нудам четири тима да му помогнат колку толку да ги ублажиме ефектите од оваа кризна состојба во која што се најде нашата земја, рече Мицкоски, повторувајќи го ставот за активна блокада на Собранието после 10 мај.

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска