Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во гостување во централниот дневник на Сител телевизија изјави дека во текот на преговарачкиот процес Бугарија не го затвора прашањето за македонскиот јазик.

Пред да се случи таа вистинска меѓувладина кога треба да се усвои преговарачката рамка има еден дел каде што се вели воведни изјави од страна на македонската Влада и ЕК, барем таму каде што стои дека двете држави ќе дадат унилатерални изјави, не знам каква унилатерална изјава ќе даде Македонија за македонскиот јазик кој што е кодифициран, стандизиран уште на третата конференција на Обединетите Нации од 1977 година во Грција. А, каква изјава ќе даде Бугарија? Зошто тоа не го кажат? Еве и да има трета изјава па ЕК да каже без разлика што да речеме Бугарија не го признава македонскиот јазик или има поинаков третман на истиот. Сите останати 26 членки немаат дилема дека тоа е македонски јазик, истакна Мицкоски.

Нагласи дека министерот за надворешни работи Бујар Османи на брифингот денеска изјавил дека ќе има промена на учебниците.

Па се повикува на Самоиловото царство итн. се повикува и на други измени кои што треба да ги претрпат учебниците за историја, а до вчера нели Протоколот не беше дел од преговарачката рамка, нели историјата не беше дел од преговарачката рамка, јазикот е чист, истакна Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ најави собирање 150 илјади потписи за референдум за, како што рече „да ја собориме бугаризацијата и асимилацијата“.

Продолжуваме и понатаму да се бориме, нема застанување. Периодов кој што е пред нас, практично овие недела две планирам да излезам со предлог пред ИК на партијата да ја разгледаме можноста за референдумско изјаснување со собирање на 150.000 потписи, изјави Мицкоски во централниот дневник на Сител телевизија.

Мицкоски додаде дека граѓаните треба да излезат на референдум и да се изјаснат дали ја поддржуваат или не капитулацијата на Владата.

И ценам дека граѓаните треба да си го дадат своето мислење односно треба да излезат на референдум и да кажат дали се „за“ или „не се за“ овие измени кои што Владата ги потпиша после овој дипломатски нокаут и капитулација. Но, да излеземе најпрвин како партија со став, па тогаш ќе има повеќе детали јавноста, рече Мицкоски.

Тој посочи дека тоа е следната иницијатива која што планира да ја предложи на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

OhridNews