Ова треба да биде заминување на Зоран Заев од политиката. Народот испрати јасна порака. Борбата продолжува и нема запирање. Власта го изгуби кредибилитетот. Нашата борба и нашата победа е пораз на сите политики на власта. Ова е огромна доверба и ќе знаеме да ја почитуваме. Власта е делигитимирана и тоа е од вечерва, таа е новата реланост која очекувам со тек на времето да се рефлектира и во парламентот. Но најдобро би било тоа да биде преку предвремени избори, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вечерва на прес-конференција порачувајќи дека партијата извојувала голема победа и оти денешниот е денот кога почнуваат промените за подобра Македонија.

Македонијо, од вечерва почнуваш да го живееш нашиот голем сон за нова иднина, надеж за секој еден човек. Многумина се сомневаа дека успехот е можен, но надежта победи. Македонија мора да се менува, а промените започнаа од вечерва. Надежта ја победи апатијата и нејзината сила ќе расте, сите заедно со нова иднина заеднички и сложно да го оствариме сонот за кој цели 30 години сонуваме, а никако да го постигнеме. Кажете им на нашите браќа и сестри од сите краеви на Македонија, од Тетово до Битола и Охрид и кочани, од Скопје до Гевгелија. Ова е денот од кога почнуваат промените. Промени кон подобро, промени на имиџот на државата, промени за заштита на интересите на секој еден човек. Промени за обединување, за подобар живот, за силен стандард. Промени кои ќе ја донесат иднината за која се бориме. Ова е убедлива победа. Ова е победа на народот на Македонија, рече Мицкоски.

Успехот е можен зошто вербата е сигурна. Докажавме дека еден широк опозициски фронт е возможен и поставивме услови за идна соработка и идна владина коалиција, врз база на принципи и вредности, рече Мицкоски.

Покажавме дека и покрај разликите сепак можеме да се обединиме околу заедничка цел. Македонија без корупција која ќе се развива и оди напред. Македонија за која ќе се бориме да биде интегрирана во ЕУ, на стабилен систем каков што немаме. Тоа докажува дека еден опозициски блок, речиси сосема извесен, истиот тој ќе донесе огромна победа на следните парламентарни избори кои многу е веројатно дека ќе бидат предвремени.

Денес да се радуваме, но не треба да го заборавиме насилното однесување, поткупот, заканите и уништувањето на човечкото достоинство. Тоа е она што оваа власт во заминување и го направи на народот на Македонија, рече Мицкоски потенцирајќи дека времето ќе покаже како ќе се одвиваат работите, и нагласи дека е најдбро власта да си замине на предвремени избори.

OhridNews