Апсолутно ги отфрлам овие мерки кои што се таканаречени квази мерки кои што, не само што немаат цел да го заштитат здравјето на граѓаните, туку дополнително да воведат поделба меѓу македонските граѓани. Вака лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски ги оцени новите мерки на владата за заштита од Ковид 19, кои, меѓу другото, предвидуваат ограничување на движењето на невакцинираните лица.

Овие мерки имаат единствена задача, практично да воведат една таканаречена вештачка непримерна контрола, ќе го уништат оној бизнис кој што колку толку започна да функционира, ќе донесат еден вид фрустрација кај граѓаните, посебно оние кои што имаат уставно загарантирано право да изберат дали да се вакцинираат или да не се вакцинираат иако јас лично сум би рекол за имунизација по пат на вакцинацинирање. Но да сумирам, ова е само последица на причината, а причината е што касно почнавме со таа имунизација и денеска ни се случува ова што ни се случува, носење на вакви квази мерки кои што немаат никаква врска со медицината, ниту заштита на здравјето туку дополнително ќе го фрустрираат населението и ќе го поделат.  рече Мицкоски.

Јавното здравје и колективната заштита се приоритет, а мерките кои се донесени се исклучиво во таа насока, возврати на критиките министерот за здравство Филипче. Тие не го „делат народот“ како што изненадувачки изјави лидерот на опозицијата, туку се нужни за заштита на граѓаните, здравствените работници и самиот здравствен систем, објави на Фејсбук министерот за здравство, посочувајќи дека овие мерки се применуваат во многу држави и веќе даваат резултат.

Забраната за движење во шуми не го дели народот на планинари и оние кои не планинарат, тоа е заштита од пожари. Условот за запишување во училишта на децата со примена вакцина не е поделба на децата, туку нивна заштита од болести и епидемии. Ничие лично право не е над правото на колективна заштита на здравјето на граѓаните, потенцира Филипче

Тој апелира на максимална одогворност од сите, бидејќи делта сојот брзо се шири.

Податоците и трендовите кои ги имаме се многу сериозни. Апелирам на доследно почитување на постоечките мерки за заштита и масовна вакцинација, додава Филипче во објавата.

На ова, исто така со Фејсбук статус, реагираше Мицкоски.

Лично сум, и ги охрабрувам граѓаните да се вакцинираат, но истовремено, бидејќи сум легалист го почитувам уставното право на секој граѓанин да избере дали ќе се вакцинира или нема да се вакцинира. Силно ги осудувам најновите квази мерки на Министерот и Владата со кои во овие сложени здравствени, политички и економски моменти се делат граѓаните. Доколку наместо по провизии и сомнителни посредници, трговци со јужно овошје од Хонг Конг навреме набавевте вакцини со висок квалитет и степен на успешност, денес немаше да бидеме повторно на врвот на листата на држави со најголема прогресија на вирусот. – напиша Мицкоски на Фејсбук.

OhridNews