Од утре продолжуваат консултациите за референдумот со коалициските партнери, да видиме кој е нивниот став. Многу скоро ќе излеземе со конкретна позиција, рече денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Внатрепартиската дебата ќе продолжи утре, во вторник, среда, така што многу скоро од денеска ќе имаме позиција. Нема што повеќе да додадам освен да го завршиме процесот и да излеземе со конечен став пред граѓаните – дали ќе одиме со 150 000 потписи или со пратениците, имајќи предвид дека континуирано се сее притисок од власта дека некој се двоумел, а не сакаме да ги изложуваме толку граѓаните пред оваа хибридна и режимска власт па може ќе се одлучиме да одиме со 44 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ да го поднесеат рефернедумот, изјави Мицкоски во Љубанци по пуштањето во употреба на ново спортско игралиште.
Ќе ја напуштам политиката ако некој од партијата гласа за промена на Уставот
Во изјава за медиумите Мицкосски истакна дека ќе ја напушти политиката ако некој од ВМРО-ДПМНЕ гласа и под овие услови се промени Уставот.
Коментирајќи ги најавите за отворање нов бугарски клуб во земјава, Мицкоски истакна дека провокациите ќе продолжат. На прашањето за новиот документ што го изнесе бугарскиот технички министер за надвореши работи и за текот на разговорите меѓу Северна Македонија и Бугарија, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ одговори дека целокупниот процес е предаванички и калкулантски, а македонската дипломатија капитулираше.
Тоа е нок-даун за македонската дипломатија. Предупредував дека ќе се случуваат нови и нови барања од страна на Бугарија. Тука ќе предупредам на еден процес што се обидува да го води власта – „што да правиме, Европа така не тера“. Тоа не е точно. Европа не не тера. Не смееме да потпаднеме на таа провокација. Европа има чесни намери, ги отворила вратите за Македонија, јас верувам во тие чесни намери, но знам кој има нечесни намери – Владата во Софија и оваа наша некреидбилна и корумпирана власт, а единствената цел е асимилација на македонскиот народ, односно бугаризација. Тоа не е европеизација, посочи Мицкоски.
Според него, непроменливоста на Уставот е првиот браник.
Иако од власта ќе продолжат со притисоците и со изјавите дека имало пратеници од раководството. Нема такви. Тука сакам да ја затворам таа тема – по цена на мојата професионална и политичка кариера, такви луѓе нема, јас гарантирам. Ако гласа некој, ќе си заминам, ќе ја напуштам политиката и никогаш повеќе нема да се занимавам со политика ако јас додека сум претседател, под овие услови биде променет Уставот, подвлече Мицкоски.
Во врска со провокациитем тој е дециден дека ќе продолжат, посебно сега кога во Бугарија има избори.
Провокациите ќе продолжат додека овие луѓе се таму. Имајќи предвид дека во Бугарија сега се избори, ќе гледаме уште многу такви провокации, а нашите ќе молчат и ќе викаат „во Бугарија се избори и затоа е така“, рече Мицкоски.
Тој уште еднаш повтори дека државата оди во амбис и затоа, рече, се потребни предвремени избори.
OhridNews