Коалицијата „За обнова на Македонија“ на гласањето за советничките листи освои 55 илјади гласови повеќе од СДСМ и коалицијата, што претставува убедлива победа и јасна порака до власта, но и голема одговорност за опозицијата, изјави денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по состанокот со раководството на коалицијата „За обнова на Македонија“. Мицкоски повика на создавање „здружена опозиција на леви, центар и десни со една мисија – рушење на оваа Влада“

Подавам рака за обединување и здружена опозиција, а тоа го побара и народот на овие избори. Македонија има иднина и мора да победува, на чекор сме сите заедно да направиме големи работи. Изборите покажаа дека има сериозно антивладино расположение и незадоволство од власта, а заедничка цел на опозициските партии е промена на власта и нова иднина на Македонија. Секоја наша разлика во опозицијата е помала од заедничката цел, а тоа е да ја собориме оваа власт , изјави Мицкоски.

Раководството на ВМРО-ДПМНЕ сеуште нема донесено одлука за поддршка на кандидатите во општините кои не се дел од коалицијата „За обнова на Македонија“ или од коалицијата Алијанска/Алтернатива, истакна Мицкоски.

И претседателот на СДСМ Зоран Заев со писмо упатено до членовите на партијата побара обединување на членството. Според него, во првиот круг била испратена јасна порака од граѓаните која мора да се слушне.

Ве повикувам на обединување затоа што од другата страна се истите кои ја уништуваа нашата земја со години. СДСМ греши, но учи и се поправа. А, ние сме борци, ние сме отворени луѓе и отворена партија и знаеме и да слушаме, и да постапуваме, и да се менуваме. Тоа го имаме и докажано, и покажано преку бројни примери кога критиките и пораките од граѓаните сме ги прифаќале и сериозно сме ги ревидирале и подобрувале нашите чекори и политики.

Според Заев, граѓаните ја бараат борбата за нов циклус промени и затоа е време за обединување, додава дека се потребни брзи промени и акции кои ќе придонесат кон борба, уважување на гласот на граѓаните и  обединување и со тоа победа на СДСМ во вториот изборен круг.

 

OhridNews