Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски, денеска на трибина на која се презентираа политиките на концептот „Македонија за сите луѓе“ го претстави кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ на претстојните локални избори, Д-р Кирил Пецаков, кој, како што рече, ќе биде иден градоначалник на Охрид.

Ние гледаме во иднината. Само економски силна држава може да биде јака држава, само економски моќна држава има задоволни граѓани коишто си ја сакаат својата држава, се големи патриоти, си ја љубат секоја педа сопствена земја, се почитуваат меѓу себе. Денеска имаме еден антипод на ова што го зборувам, сосема спротивно на ова што го зборувам. Имаме сиромашни граѓани, луѓе коишто за жал, се незадоволни од ова тешко, болно секојдневие. Затоа нас ни треба концептот „Македонија за сите луѓе“, затоа ве повикувам драги мои охриѓани уште во првиот круг да ја завршиме работата овде во Охрид и да го избереме нашиот доктор Кирил Пецаков. Да победиме за Охрид и да победиме за Македонија. – порача од трибината претседателот на ВМРО ДПМНЕ Мицкоски.

Мицкоски на трибината претстави два проекта кои што ВМРО-ДПМНЕ планира да ги реализира на локално, но и на централно ниво. Првиот проект е „Мојот данок за мојот проект во мојата општина“.

Граѓаните ќе можат средствата кои што ги уплаќаат во данокот за имот практично во општинскиот буџет наместо тие средства да се трошат во непродуктивни трошоци, наместо да се трошат во скапо ручеци, патувања и други луксузирања, да можат да изберат за кои проект да ги потрошат тие средства и кој проект да биде реализиран. Јас сакам данокот од охриѓани да заврши во некој проект во Охрид и охридско, а не за купување некој скап автомобил. Нема повеќе никој да ги краде парите на граѓаните. – рече пред охриѓани Мицкоски.

Вториот проект кој што го презентира Мицкоски е етапно институционално децентрализирање, најавувајќи преселба на Министерството за култура во Охрид.

Имајќи предвид дека Охрид е колевка на културата не само во Македонија, бидејќи Охрид е на светот, планираме сите оние институции кои што се поврзани со културата и останатите да ги мигрираме од Скопје практично тука во Охрид, вклучително во крајна мерка и самото министерство за култура, така ќе постапуваме и со други градови и општини во Македонија, мигрирање на институциите, односно институционална децентрализација. –  рече Мицкоски.

На трибината говореа и пратениците Велика Стојкова Серафимовска, Лидија Петковска и Кирил Пецаков, како и Зоран Љутков, претседател на комисијата за култура на ВМРО ДПМНЕ

OhridNews