Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вели дека не би го коментирал прашањето за најавениот потег на премиерот и претседател на СДСМ Зоран Заев дека ќе поднесе оставка од партијата во вторник бидејќи, како што истакна, Заев честопати во минатото не го исполнил она што го рекол. Во однос на тоа кој би го заменал претседателот на СДСМ од лидерското место, Мицкоски порача дека останува  да се чека вторник за да се види понатамошниот развој на настаните.

Што се однесува до позициите на новата власт во Бугарија,  Мицкоски денес од Охрид апелираше до новата Влада во соседна Бугарија да ги повлече блокадите.

Апелирам до новата влада кај  нашиот источен сосед да се надмине себеси и  да ги заборави тие хегемонистичките барања кои ги имаа во минатото нивните претходници и во духот на европските вредности да не ја блокираат Македонија во почетокот на преговорите со Европската Унија бидејќи овој народ и Македонија заслужуваат такво нешто.

Мицкоски ја коментираше и ситуацијата со енергетската криза. Вели дека цената на електричната енергија веќе е покачена за два до три денари, а инфлацијата дека е реалност и граѓаните  ја чувствуваат со покачувањето на цените на производите. Според него ваквата ситуација е резултат на лошите политики од власта, односно наместо да се произведува, се случувало кражба од ЕЛЕМ и РЕК Битола.

Тоа е сериозен проблем што ќе ги чувствуваат јавните претпријатија и општините, но и компаниите кои тоа го чувствуват од поодамна, бидејќи истекоа договорите коишто беа изминатиот период  важечки и конечно, тоа на крај ќе го почувствуваат граѓаните. Се организираа во картели за да го пустошат ЕЛЕМ и РЕК Битола, а сега втор пат  ќе ги трошат повторно народните пари. Веќе 4 милијарди денари потрошија од државните резерви  за  да ја санират  финансиската дупка, но и недостатокот на електрична енергија за месец ноември , рече Мицкоски.

Тој додаде дека инфалцијата која веќе се чувствува во поскапувањето на пренхрабрените производи е дел увезена, а дел е поради политиките на Владата на СДСМ и ДУИ.

К.А.