Уште само еден чекор нѐ дели од она за кое сите заедно сонуваме. Ништо не е невозможно. Победата е на дофат, a излезноста е клучот, истакна вечерва од Охрид лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Благодарам на секоја една охриѓанка и охриѓанец, кои ја дадоа поддршката во првиот круг. Сега повторно ја барам поддршката во вториот круг, затоа што искрено верувам дека Кирил Пецаков е вистинската одлука за промени, проекти и победи во Охрид. – рече Мицкоски во обраќањето вечерва на Долни сарај по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба.
Мицкоски најави нова иднина за Македонија, исправање на неправдите во општеството и победа над делбите. Оцени дека за премиерот и лидер на СДСМ Заев ова е „последната сламка на спас“, посочувајќи дека не е незаслужено што народот е против него по толку многу разочарувања и неисполнети ветувања, дотолку повеќе што во 52 месеци власт тој најмалку три пати јавно кажа дека ја разбрал неговата порака
Сите жолти картони се потрошени, на ред е само црвениот. А тој овој пат е кај неговото височество – народот. – рече Мицкоски.
Ќе имаме искрен однос кон соседите, како тие нам, така ние ним
Во однос на односите со соседите, Мицкоски рече дека ВМРО-ДПМНЕ ќе има искрен однос на почит и пријателство и секогаш пријателски пружена рака кон нив, но со целосно право да ги заштитиме интересите важни за Македонија. Тоа го кажувам јасно и отворено, кажувам отворен став за соработка и почитување, но и одбрана на она во што веруваме, а тоа е реципроцитет, како тие нам, така ние ним, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Што се однесува на Бугарија, Мицкоски потсети на резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ која ова лето беше прифатена во Собранието и црвените линии, за, како што рече, овој спор кој пред пет години воопшто не постоеше.
Потребно е да се издигнеме над облаците на измамите и пазарењата кои ни ги носи Владата со нашите соседи. И во тој контекст немаме право да се лутиме против Бугарија, бидејќи природно е тие да ги штитат своите интереси, она што навистина боли е што нашата Македонија ја водат луѓе кои се подготвени да прифатат се, да се пазарат со се. Не е во прашање недостиг на разбирање од двете страни, туку недостиг на мудрост од македонската Влада, истакна Мицкоски.
Односите со соседите, Мицкоски порача, дека ќе ги базира на вредности на меѓусебна почит, толеранција и ќе ги надградува низ полињата на взаемен интерес на народите.
Г.М.