Претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски на првиот митинг од кампањата за финалниот круг од локалните избори го коментираше писмото што Зоран Заев го напишал и испратил до неговото членство, во кое на индиректен начин вели дека тие што не гласале за него, биле злото, вели Мицкоски.
Јас не мислам така, јас велам тие стотици илјади кои излегоа и не гласаа за Заев и тие стотици илјади кои одлучија да останат дома не се никакво зло, тоа е Македонија. Тоа е Македонија која бара промени и иднина. Македонија која се обединува против Зоран Заев и вели доста е. Доста е од се што до сега видовме, истакна Мицкоски.
Народот во неделата му се обрати на Заев, а следното обраќање на народот следува на 31 октомври кога во огромно мнозинство треба да излезе и да се определи за нова иднина.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека клучот е во излезноста и порача дека негативната кампања не треба да ги одврати граѓаните, затоа што нивниот поткуп и притисоци има намера да го обезвредни гласот на граѓанинот. Одговорот мора да е масовната излезност, бидејќи сме на само чекор од целта. Победа за нова иднина. Победа за нов почеток и победа за нова надеж порача Мицкоски.
Од вас зависи дали ќе создадеме нова иднина. Време е да ги надминеме разликите и да се мобилизираме и обединиме. Да покажеме слога и заедништво во намерите да се направи нешто подобро. Потребни сме и сите заедно на Македонија. Со поделби само другите користат. Само сложно и обединети ќе успееме. Ајде сите заедно да направиме големи чекори напред, да ја создадеме иднината сега, таа нова иднина која сите ја посакуваме. Уште само еден чекор не дели од она за кое сите ние сонуваме. Победата е на дофат, клучот е во масовната излезност. Промените се можни, посочи Мицкоски.
OhridNews