Влегуваме во финалето на една многу важна битка за Македонија, ова е битка на вредности и принципи, битка за суштина и една нова генерација која мора да се избори за правдини, слобода и подобра иднина. Ова синоќа го изјави лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски на конвенција во Скопје, на која беа промовирани кандидатите за пратеници од коалицијата предводена од најголемата опозициска партија.

ВМРО-ДПМНЕ на овие избори ќе оди со својата понуда, со многу нови луѓе и нова генерација која ќе донесе промени кон подобро, рече Мицкоски.

ВМРО-ДПМНЕ за само неколку години освен тоа што ја научи лекцијата од минатото, сега велиме дека ќе донесеме обнова и тоа со многу нови луѓе. Ова не е битка само на ВМРО-ДПМНЕ против власта, туку на целиот народ против Заев и оние во раководството на СДСМ. И затоа за првпат досега имаме дури два надпартиски носители на пратеничките листи. Професорката Гордана Силјановска Давкова и светскиот маестро Игор Дурловски се луѓе со кредибилитет, чест и образ. Овие луѓе се признати во светот и во своите животи имаат се што би можеле да посакаат успешни професионалци се, но ја немаат слободата и ја имаат загриженоста дека вака повеќе не може. За нив не е проблем да живеат во било кој дел од светот ама пустото каменот тежи највеќе дома и се решија да се борат против неправдите, против неспособноста и против газењето на тие вредности. И кога го гледам нивниот мотив сфаќам колку погрешно се движат работите во земјата и колку мора побрзо да се променат. – истакна Мицкоски.

Осврнувајќи се на тоа зошто го нема на кандидатските листи, Мицкоски рече дека  носителите и пратениците ќе бидат дел од Парламентот и дека партијата не става луѓе кои после ќе избегаат во извршната власт.

Свесен сум дека многумина ми викаа да одам во разни изборни единици како носител, а ќе кажам и зошто не отидов. Затоа што верувам дека со листите се предлагаат пратеници, имиња и презимиња со кредибилитет кои местото им е во парламентот, а не луѓе кои ќе продефилираат и ќе го бараат гласот од граѓаните и после ќе отидат во влада. Јас со моето име стојам зад сите 120 кандидати за пратеници и не се кријам и овој предизвик го прифаќам и убеден сум во една голема, историски најголема победа. – подвлече Мицкоски.

Претседателот на ВМРО ДПМНЕ е убеден дека неговата политичка опција ќе извојува голема победа над политичките ривали, на кои им порача дека после изборите ги очекува соочување со одговорноста и правдата.

OhridNews
Фото: ВМРО ДПМНЕ