Лидерот на опозициската ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски, денеска е во работна посета на Охридско-струшкиот регион. Тој претпладнево во придружба на високи личности од партијата и општинскиот комитет во Охрид, прошета низ градот и низ градското пазариште.

-Слабо купувачи. – констатираше Мицкоски во разговор со тезгаџиите, кои  му се пожалија на опозицискиот лидер дека работата не оди и оти се помалку луѓе доаѓаат на пазарот.

-Затоа го бараме вашиот глас, за да ги промениме работите. – им порача на охридските пазарџии Мицкоски.

Одговарајќи на новинарско прашање за консензуалниот кандидат на владејачката коалиција Стево Пендаровски, Мицкоски истакна дека тој е рецидив на транзицијата и дека на 21 април народот ќе го порази „Заевизмот“, а Македонија ќе добие жена за претседател.

-Пендаровски претставува лик кој што е дел од тоа множество на „Заевизмот“, не очекувавме нешто поразлично да се случи. Тоа е онаа транзициона матрица која што ја пустошеше Република Македонија во изминатите 27-28 години. Нема што да коментираме за кандидатот на Зоран Заев, тој си го одбра на деспотски начин. Правеше една парада, едно реално шоу пред јавноста, објавуваа конкурси, поднесуваа луѓе кандидатури, но на крај пресече деспотот, го донесе својот поданик и ќе видиме како ќе се заврши. Јас сум убеден во храброста на македонските граѓани да му го зададат првиот удар на „Заевизмот“. Убеден сум дека тоа ќе се случи на 21 април, уште во првиот круг, а конечно на 5 мај Македонија ќе добие претседателка. – рече Мицкоски.

Мицкоски не открива кој ќе биде кандидатот на ВМРО ДПМНЕ за градоначалник на Охрид на предвремените избори кои ќе се одржат заедно со претседателските.

-Во тек се анализи, а освен рејтинзите и анкетите, сакаме да го чуеме и мислењето на граѓаните. Затоа се спуштаме помеѓу народот, да чуеме што тој мисли. –  рече Мицкоски, најавувајќи дека ВМРО ДПМНЕ деновиве ќе го обелодени името на кандидатот за градоначалник на Охрид.

Мицкоски попладнево ќе ја посети Струга.

Г.М.