Илинденците се бореа за Македонија. Мојата борба и нашата заедничка задача се вика едноставно Македонија и колку и да сакаат да монтираат лажни душегрижници патриоти по социјалните мрежи кои што имаат единствена задача да ги исплатат скапо платените и рекетирани жолтици од семејството ќе се обидат да внесат немир во десницата, во ВМРО-ДПМНЕ. Но, мојата задача, нашата задача, вашата задача е да го одбраниме достоинството на македонскиот народ, да ја одбраниме Македонија, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, обраќајќи се на денешниот собир по повод Денот на Републиката во струшкото село Ташмаруништа.
- Секогаш кога ќе се спомене Илинден треба да се има во предвид дека Илинден не е почетокот, туку влегувањето во финишот на една вековна борба за слобода, каде многу генерации херои и хероини ги положија своите животи. Илинден не само Крушевското востание туку многу повеќе од тоа, воскрикот на Македонецот на секоја педа македонска почва. Илинден е и отпорот и пркоста на Тамшаруништа, жилавоста на битолските и охридските комити и војводи, отпорот на секој слободно мислечки Mакедонец против тогашната власт која притискала, прогонувала и заробувала, рече Мицкоски.
Тој ги спомена и Гоце Делчев, Даме Груев, Татарчев, Никола Карев, Ѓорче Петров, Христо Узунов, Методиј Патчев, Ченто, Пирузе, Панко, Апостолски, за кои рече дека се македонски синови од кои не смееме и немаме историско право да се одречеме ниту да го посрамотиме нивното дело.
- Илинден е и потсетник дека не смееме да скршнеме од патот натопен со крв на хероите кои ги положија животите. Илинден е и наша должност кон нашите предци и паметник за тоа како ја добивме слободата која мора постојано да ја браниме и за која постојано треба да се бориме. Илинден и последниот здив на комитетите и партизаните кои гинејќи за каузата беа верни на делото Смрт Или Слобода“, истакна Мицкоски.
Во политичкиот дел од говорот, тој зборуваше за Зоран Заев упатувајќи низа обвинувања за политиките предводени од власта, а се осврна и на случајот „Рекет“.