Доворот е штетен и треба да се отфрли. Тој е против македонските национални интереси и македонската држава, бидејќи е диво месо вметнато во здрав организам кое гуши и допрва ќе не влече надолу, ако не се спротивставиме, рече во своето обраќање до присутните на протестниот марш на ВМРО ДПМНЕ во Охрид, претседателот на партијата Христијан Мицкоски.

  • Овие месеци се пишува историја, а јас заедно со огромното мнозинство од народот со разум и срце не сум на страната на оние кои работат на обезличување на сопствената држава и народ, затоа што јас не би можел да се погледнам во огледало ако прифатам нешто во кое не верувам. Ја сакам Македонија онаква каква што е, каква што ја наследивме од нашите предци и сакам да им ја оставиме на нашите потомци, онаква каква што ја заслужуваат, исправена, горда и подобра од онаа која ја наследивме. Тоа е нашето мото, рече Мицкоски кој на почетокот од своето обраќање на протестот во Охрид, повика со огромен аплауз да се поздрават пратениците кои се дел од осомничените за случувањата од 27 април и кои како што рече, се современите комити, војводи, ѓемиџии секојдневно малтретирани од страна на владата на СДСМ.

Мицкоски пред охриѓани рече дека и покрај ветувањата на власта, нема туку така да дојде европска иднина, која сега се претставува и гледа преку розови очила.

  • Македонија со овие луѓе на власт многу лесно и понатаму ќе биде во чекалната и никогаш нема да биде дел од ЕУ затоа што европските вредности за овие луѓе се именка и атрибут кој не го познаваат. Ќе останеме приказна без крај, затоа што немаат визија и не знаат како. Тоа е суштинскиот проблем. Доколку ова помине, години потоа ќе дојде момент кога Грција повторно ќе постави некакви услови. А ние тогаш, ќе сме со сменато име, историја, идентитет и образование. Ако со референдумот се даде зелено светло на договорот со Грција, практично се вклучува црвено светло за референдумот од септември 1991 година. Сосема два спротивни референдума. Оној во 1991 за самостојна и суверена Македонија, овој за спротивното-губење на Македонија каква што мнозинството ја изгласаа на референдумот во 1991, рече Мицкоски.

Пред наосбраните се обрати и претседателот на ОК на ВМРО ДПМНЕ, Сашо Донев, кој рече дека штитењето на националните интереси е врежано во генот како завет од нашите предци и должност кон нашите поколенија. Додаде дека владата со референдумот врши грабеж на сопствениот народ и држава.

  • Ветуваа живот, сега иднина, но граѓаните ниту добија живот, ниту ќе имаат иднина, рече Донев.

Шестиот „Протестен марш“ на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид се одржа под мотото „Македонија ќе победи“.

OhridNews