Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски побара Министерот за здравство и неговиот заменик да бидат разрешени до вторник. Според Мицкоски, Филипче оставка од морални причини требало да поднесе до Собранието, институцијата која го избира и треба да ја констатира оставката, а не до премиерот Зоран Заев
Даваме рок до вторник рано претпладне, министерот за здравство Венко Филипче и неговиот заменик Илир Хасани да ги достават своите оставки до Собранието, како би можело тие да бидат констатирани на почетокот на веќе закажаната нова седница истиот ден, а дококу не бидат поднесени овие оставки, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе до Собранието предлог-одлука за нивно разрешување, информира на денешната прес-конференција лидерот на партијата, Христијан Мицкоски.
Мицкоски нагласи дека по пожарот во модуларната болницата во Тетово, во кој животот го загубија 14 лица, останале многу неразјаснети работи.
Овој пат нема да поднесеме интерпелација, затоа што не сакаме овој пат интерпелацијата да ја доживее судбината како изминатите интерпелации коишто беа подесувани во минатото и никогаш не стигнаа да бидат точка на дневен ред и практично ја преполнаa фиоката на Талат Џафери, рече Мицкоски.
Од ВМРО- ДПМНЕ бараат истрага која ќе биде објективна, Мицкоски вели дека партијата има информации дека премиерот Зоран Заев добивал детали од истрагата за трагедијата во Тетово.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека во следниот период партијата ќе превземе чекори во расчистување на оваа трагедија, а првиот чекор е поставувањето на рокот за разрешување на Филипче и Хасани.Доколку не бидат овие оставки, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во соработка со другите партии, ќе поднесе предлог одлука за разрешување на министерот за здравство и неговиот заменик.
OhridNews