Четвртиот пакет мерки што денеска го промовираше премиерот на Владата Зоран Заев, според лидерот на опозициската ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски е обид да се дефокусира јавноста од вистинските проблеми. Тој рече дека досегашните три пакети на мерки биле лошо насочени и недоволни за да ги амортизираат последиците од ковид кризата.
Нивната единствена цел беше институционален предизборен поткуп. – обвиони Мицкоски.
Резултатите од претходните мерки се историски пад на индустриското производство, зголемување на јавниот долг за над милијарда евра и пад на извозот и 40000 нови невработени, додаде Мицкоски. Според него промовираниот 4 пакет мерки е продолжување на популизмот на владата и немилосрдно трошење на народните пари и значително задолжување на државата.
Наместо владата да се зафати со реализација на капитални проекти кои ќе значат додадена вредност за економијата и подобри услови за живот на граѓаните, сведоци сме на историски ниската реализација на капиталните инвестиции од нешто повеќе од 7,7 милијарди денари. – рече Мицкоски.
Претседателот на ВМРО ДПМНЕ смета дека на земјата и се заканува црно економско сценарио. Тој остро ги критикуваше владините мерки од претходните сетови и најновиот 4 сет, посочувајќи дека истите доцнат и биле искористени само во функција на изборите, кои првиот човек на ВМРО ДПМНЕ ги нарече „талибански“.
Г.М.