Постапката за предлог измените на Законот за аудио и аудио визуелни медиумски услуги се води на нетранспарентен начин без да се слушнат предлозите и барањата на медиумите истакна Претседателот на Здружението на регионални и локални медиуми „Медиум објектив“, Димитар Мицев на прес-конференција пред Собранието.

Како членска организација во која се обединуваат регионалните и локални радиодифузери сметаме дека носење на измени во медиумските закони на овој начин, без никаква јавна дебата со вклученост на оние на кои се однесуваат овој закон е на штета на независноста на медиумите и на јавниот интерес. Нетранспарентната постапка во носење на закони кои ја регулираат работата на медиумите, без да се слушнат нивните предлози и барања е во директна спротивност со она што ние како медиуми се залагаме, а тоа е јавност за квалитетни закони од кои бенефит ќе имаат пред се граѓаните, вели Мицев.

Сметаме, додава, дека поддршката за медиумите треба да се изработи со вклученост на сите и да се води од начелата на јавниот интерес, односно подобрувањето на состојбата во медиумите да има една цел, подобри услови, професионално известување, преку уредувачки политики кои ќе бидат независни од политички, партиски или владини влијанија.

Затоа, бараме одложување на постапката за амандмани на овој закон која е започната во собранието и инсистираме на јавни дебати со сите чинители кои искрено можат да понудат многу подобри решенија. Потсетуваме дека Делегацијата на ЕУ исто така има интерес и тековна активност за техничка помош преку која имаме можност како држава да имаме еден од најдобрите медиумски закони во регионот. Потребно е да се искористи оваа можност, а не на ваков нетранспарентен начин да се минираат заложбите на ЕУ и на новинарските и медиумските еснафски организации кои имаат искрен пристап да дадат свој придонес, додава Мицев.

Ги повикувам пратениците на Собранието на Македонија, на свесност и на разум, затоа што последиците од нивните избрзани постапки можат да ја вратат Македонија многу години назад кога во сите меѓународни извештаи медиумските слободи беа оценувани на исклучително ниско ниво.

OhridNews