Апелацискиот суд во Скопје ја прифати гаранцијата од 11 106 501 евро со што поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, излегува од притвор. Гаранцијата над 11 милиони евра се состои и во недвижен и подвижен имот, а Мијалков треба да излезе од притвор кога ќе завршат административните процедури со ставање под хипотека на имотот што е понуден како гаранција дека нема да избега и откако ќе биде приложена финансиска гаранција со која мерката притвор се преиначува во мерки за претпазливост, односно одземање на пасош и обврска да се јавува во суд.
По одлуката на Апелација реагираше министерот за правда Бојан Маричиќ, според кој оваа одлука ја намалува и онака разнишаната доверба на граѓаните во судовите. Маричиќ потсети дека Мијалков беше лице под реален ризик за бегство.
Судиите на Апелациониот суд во Скопје Ѓоко Ристов и Енвер Беџети кои ја донесоа оваа одлука треба да и објаснат на јавноста на кој основ ја донеле ваквата одлука и на кој начин ќе ја преземат одговорноста доколку се случи повторно ризик од бегство. Судот иако е независен, должен е јавно да ги објаснува своите одлуки за да можат граѓаните да веруваат во судството. Апелирам до Судскиот совет да испита по која основа судиите ја донеле оваа одлука, напиша Маричиќ на Фејсбук.
Реагираа и од СДСМ. Портпаролката Богдана Кузеска на прес-конференција истакна дека е скандалозна одлуката судот да ја прифати гаранцијата, а ова е силен удар врз правдата од страна на судиите во Апелација.
Денеска целата македонска јавност е сведок на силен удар врз правдата од страна на судиите во Апелацискиот суд во Скопје. Мијалков издржува мерка притвор во предметот Трезор каде што е осуден на 8 години затвор, со се уште не правосилна пресуда. Исто така, за Мијалков има и втора неправосилна пресуда од 12 години за нелегеланото прислушување, изјави Кузеска.
Таа ги повика судиите Ѓоко Ристов и Енвер Беџети јавно да излезат и да кажат како е можно за лице со вкупни пресуди од 20 години, да донесат ваква одлука и нагласи дека сега има поголем ризик за бегство како и дека оваа одлука ја загрозува правдата не само за овој предмет туку и за сите останати кои се водат за него. Кузеска ги повика сите надлежни институции да се вклучат во овој случај, за да не се дозволи бегство.
Мијалков издржува мерка притвор во предметот „Трезор“, каде е неправосилно осуден на осум години затвор. Тој има првостепена пресуда и во случајот „Таргет – Тврдина“ со која е осуден на 12 години затвор, а обвинет е и во случаите „Плацови на Водно“ и „Титаник 2“, а осомничен е и во предметот „Империја“. Во „Тортура“, пак, доби ослободителна пресуда.тој се наоѓа во затворот во Шуто Оризари од 26 февруари годинава, откако претходно неколку дена беше во куќен притвор.
OhridNews