Јавниот долг заклучно со третиот квартал падна под 60% од БДП, определено со мастришкиот критериум на Европската Унија, позиционирајќи се на ниво од 59,3 % од БДП, информираат од Министерството за финансии. Според најновите податоци , јавниот долг изнесува 6,950.7 милиони евра. Забележано е намалување од 3,8 процентни поени во однос на вториот квартал од 2021 година, односно од 63,1 % колку што изнесува заклучно со вториот квартал, информираат од Министерство за финансии.
Намалувањето на долгот се должи пред се на исплатата на Еврообврзницата издадена во 2014 година, во износ од 500 милиони евра. Значајно е дека и покрај рецесијата, Владата успешно настапи на глобалните пазари на капитал и средствата за оваа Еврообврзница беа обезбедени со издавање нова Еврообврзница во март 2021 година со историски најниска каматна стапка од 1,625 %, велат од Министерството за финансии.
Оттаму додаваат дека на среден рок, односно до 2026 година, проекциите во Стратегијата за управување со јавниот долг се дека тој ќе се стабилизира и ќе се намали на 57,7%, додека државниот долг ќе се сведе на 50,7%.
Тоа ќе се реализира преку Планот за фискална одржливост со кој се обезбедува постепено стеснување на вкупниот буџетски дефицит од 4,9 % во 2021 година на 2,2 % во 2026 година, а преку подобрување на наплатата на буџетските приходи, намалување и реструктуирање на буџетските расходи и промени во изворите на финансирање на буџетскиот дефицит. Сето ова е насочено кон забрзан економски раст, кој пак согласно донесениот План за забрзан економски раст во наредните пет години треба да придонесе за двојно зголемување на стапката на БДП во однос на просекот во изминатите 10 години и од 2,5 % просечно годишно да имаме стапки на раст на БДП над 5 проценти до 2026 година, како и инвестиции кои се проценуваат на 12 милијарди евра. Важно е дека од предвидените 4 милијарди се инвестиции од јавниот сектор, а тие ќе генерираат дополнителни 8 милијарди евра приватен капитал, потенцираат од Министерство за финансии.
Јавниот долг на крајот на 2020 година изнесуваше 60,2 %, во првиот квартал 2021 изнесува 61,2 %, во вториот квартал 63,1 % и сега на крајот на третиот квартал се спушти на 59,3 %.
OhridNews