Некои нови ветришта дуваат во СДСМ. Лидерот е стар ама партиската структура претрпе комплетни промени. СДСМ се ресетира велат новите сили на партијата која неколку изборни циклуси е во апатија. Според власта филмот на СДСМ е веќе виден, а реформираните социјалдемократи му ги бројат деновите на премиерот Груевски. Чиј блеф е поголем, ќе се види наскоро, но едно е сигурно, не очекува долго и жешко политичко лето.

Тоа го навести и премиерот Груевски кој вчера обелодени дека Љубе Бошковски и Мендух Тачи се во контакт со Бранко Црвенковски. Го спомна и Љубчо Георгиевски. Неговата изјава не ја прокоментираа социјалдемократите кои вчера беа зафатени со чистка во сопствените редови. Експрес метлата се случи за само еден час ефективна работа на Х Конгрес на партијата. Делегатите без расправа, акламативно ги избраа новите членови на Централниот одбор.

Во врвот на партијата веќе ги нема старите познати имиња за кои се шпекулираше дека ќе бидат вратени на политичката сцена: Митрева, Илоски, Спасов, Ханџиски, Попоски…  Од актуелната гарнитура доверба од Црвенковски добија, Јани Макрадули, Игор Ивановски и Емилијан Станковиќ кои се членови на Централниот и Извршниот одбор на партијата. Андреј Петров е избран за секретар на партијата, а актуелниот градоначалник на Струмица, Зоран Заев е назначен за потпретседател на СДСМ, функција која уште ќе ја извршуваат и магистерот по европски студии, Гордан Георгиев и Зоран Јовановски, магистер по економија и советник во УО на “Комерцијална Банка“. Во Централниот одбор на партијата влегуваат и амбасадорите Александар Тавчиовски, Виктор Димовски и Тихомир Илиевски, универзитетскиот професор Рената Дескоска и докторите на науки, Људмил Спасов, Ана Павловска – Денева и Татјана Прентовиќ. Поранешните лидери Шеќеринска и Бучковски како пратеници по автоматизам влегуваат во Централниот одбор, но и тие повеќе не се во врвот на партијата.

Х Конгрес на СДСМ ќе се памети по длабоката кадровска обнова на партиските органи и на раководството  на партијата, вели портпаролот на партијата Емилијан Станковиќ. “Од 90 членови на Централниот одбор, 72 се нови или кандидати кои прв пат  се членови на Централниот одбор. Од нив 90 проценти се со најмалку високо образованите, има мнозинство доктори на науки, докторанти, меѓу кои и најмладиот доктрорант на Економскиот факултет во Скопје, петнаесетина магистри, со што се заокружува кадровскиот потенцијал на СДСМ, рече Станковиќ.

Според него СДСМ, како што ветил лидерот Црвенковски, се ресетира, а работите на политичката сцена се менуваат.

– Можам слободно да кажам дека сите оние оценки, впечатоци кои што нашите политички противнци се обидоа да ги наметнат во изминатиот период во јавноста паднаа во вода, со еден збор медениот месец на ВМРО ДПМНЕ и на Никола Груевски заврши, рече Станковиќ.

Во раководните структири на новиот СДСМ охриѓани речиси и да ги нема. Највисока позиција, доби советникот за образование во локалната самоуправа, Митре Велјаноски кој е еден од седумнаесетте членови на Извршниот одбор. Велјаноски беше мошне важен дел од изборниот тим на актуелниот градоначалник Александар Петрески, кого го нема во партиското раководство.

По  промените во централата, на ред се ограноците. Ќе има ли промени во општинската организација на СДСМ, каде постои длабока поделба на членството? Црвенковски на враќањето во партијата рече дека нема намера никого да мири. Чистката во најблиското опкружување направена токму во Охрид ја потврди неговата сериозност да внесе промени во работењето на партијата. Ќе следат ли такви промени во ограноците и дали сето тоа ќе ја разбуди летаргичната опозиција, останува да се види.

Ohridnews