Американскиот актер и Оскаровец Метју Меконахи доби своја ѕвезда на Холивудската патека на славните. Меконахи за време на церемонијата на откривањето на ѕвездата рекол дека тоа е посебен ден за него и голем момент за неговата кариера и семејството. На свеченоста присуствувале и актерките Џесика Честејн и Ен Хатавеј. Присуствувале повеќе од 100 обожаватели на 45-годишниот актер.
Меконахи оваа година освои Оскар за најдобар главен актер за улогата на Рон, каубој заболен од сида во филмот „Бизнис клуб Далас“ од 2013 година. За улогата во тој филм добил и награда Златен глобус за најдобар актер во драма. Американското списание Тајм во април Меконахи го сврстил на својата годишна листа „Тајм 100“ како една од највлијателните личности на светот.