Полициската акција „Метастаза“ финишираше денеска со апсењето на околу 40 лица, осомничени дека на незаконски начин издејствувале инвалидски пензии во околу 50 случаи.

Според Министерството за внатрешни работи(МВР), акцијата започнала уште пред една година, од кога трае документирањето на податоците за злоупотребите.

Со кривични пријави се опфатени 37 лица, а неофицијално 34 од осомничените веќе се приведени.

Уапсени се членови на Првостепената и Второстепената комисија за доделување на инвалидски пензии, а меѓу нив и 17 доктори и специјалисти од приватните и јавните болници, кои учествувале во давањето дијагноза.

Уапсени се и лица посредници, кои наоѓале заинтересирани граѓани за добивање на инвалидска пензија на нелегален начин.

Најмногу доктори се уапсени од Клиничките центри во Скопје, Тетово и Струга, претежно кардиолози, ортопеди, пумолози и психијатри. Извршени се и 15 претреси во домови. Апсењата се вршени во домовите на осомничените, како и на нивните работни места.

Како што соопштуваат од МВР, ова е завршна фаза на акцијата „Метастаза“, која имаше за цел да го прекине криминалниот синџир за стекнување со инвалидска пензија со поткуп.

OhridNews
извор: „Макфакс“