Македонскиот вицепрвак, Металург на домашен терен ја отвора новата сезона во ракометната Лига на шампионите. Прв противник на четата која ја предводи Лино Червар ќе биде норвешкиот шампион Елверум.
Норвешкиот Елверум е противник со кој Металург се сретна и минатата сезона во Лигата на шампионите, македонскиот вицепрвак лани победи во Скопје, а загуби во Норвешка. Елверум, исто како и Металург, во паузата помеѓу двете сезони, направи одредени промени во составот, но клучните играчи останаа, пред сѐ двајцата високи пивотмени на кои се базира одбранбената формација 6-0.
– Имаат двајца високи играчи кои играат во централниот дел на зоната, ќе мора да ја развлечеме таа нивна одбрана доколку сакаме да победиме. – рече Червар на прес конференцијата и додаде. – Првиот меч за нас е исклучително важен. Елверум е сериозен тим, малку изменет во однос на минатата година, но главните играчи останаа. Тука е голманот Мортен, потоа левото крило Линбое, им останаа двајцата пивоти преку кои многу играат во нападот. Имаат двајца нови играчи на позицијата лев бек, Тоф и Словенецот Поклар, опасен е средниот бек кој целосно диригира со нивната игра. Десен бек е еден искусен играч, Лестергард, а на десно крило го имаат Иванчик. Нивната снага е во одбраната, во Норвешка сѐ уште се без пораз.
Металург против норвежаните ќе игра без повредените Обрадовиќ и Дрогришки, но Червар верува дека неговата млада екипа, која игра добро од почетокот на сезоната, ќе може да стартува со победа во ЛШ.
– Играме добро од стартот на сезоната но на секој меч кој го одигравме ни се случуваа одредени падови во играта. На овој натпревар не смееме да си дозволиме да имаме „црни дупки“ во играта, бидејќи Елверум тоа ќе знае да го казни. Металург е млад тим, најмлад во ЛШ. Ниту еден тим во ЛШ нема, какви што се Талески, Нелоски, Кузмановски, Велкоски, кои на возраст од 19 и 20 години толку влијаат врз играта. – потенцираше стратегот на Металург.
„Елверум е познат противник за нас, игравме лани со нив. Овој меч е прв во Лигата на шампионите, прв кој ќе го играме во овој состав и сите сме желни за докажување. Ќе го дадеме максимумот, сите ќе се бориме како еден, очекувам да одиграме добар меч и со помош на публиката да обезбедиме победа“, изјави капитенот на тимот Филип Талевски.
„Прв меч за нас, за нас кои сме млади играчи, ќе биде голем потстрек кон она што го посакуваме, а тоа е победа. Евентуална победа ќе многу ќе ни значи во продолжение на натпреварите во ЛШ“, рече голманот Дарко Арсиќ, кој со формата која ја презентира на воведните мечеви во СЕХА лигата ги собра симпатиите на навивачите.
Натпреварот Металург-Елверум ќе се одигра в сабота од 17:30 часот во арената „Борис Трајковски“.
Фото: Металург.мк
OhridNews