По одбраната на титулата на меѓународниот турнир во Струга екипата на Металург целосно се фокусира на бараж средбата со Пиг-Седед за влез во Лигата на Шампиони. „Металурзите“ во Охрид ќе ги одработат финалните подготовки за нова европска авантура.

–  Турнирот во Струга е зад нас, добро е што победивме поради подигање на атмосферата во екипата. Одигравме четири натпревари во кои испробавме повеќе комбинации, сите ракометари добија шанса и полека, полека го добиваме она што го посакуваме – рече Лино Червар тренер на Металург.

Хрватскиот стратег на клупата од Металург е задоволен од прикажаната игра на ракометарите на турнирот во Струга, но посакува барем уште еден контролен натпревар пред бараж мечот со Пиг – Сегед.

– Посакував барем три квалитетни натпревари во Струга, а одигравме само два. Ќе се потрудиме да организараме уште еден контролен натпревар во кој ќе ги дефинираме сите сегменти во играта – посочи Червар.

Триото голмани на Металург, Дарко Станиќ, Петар Ангелов и Никола Митрески ги поделија минутите на турнирот во Струга и уште еднаш покажаа дека се темелите на успехот од тимот на Автокоманда.

–  Турнирот во Струга беше генерална проба за она што не очекува со Пиг-Сегед  во бараж натпреварот за Лигата на Шампионите. Во тимот сите силно посакуваме победа во тој двомеч и пласман во елитниот ракометен крем – потенцираше Ангелов.

Експедицијата на Металург во градот под Самоиловите тврдини ќе се остане до в четврток потоа се враќа во главниот град од земјата каде ќе го дочека Пиг – Сегед.

Мх.П.