Финалните подготовки за продолжението од сезоната во Првата македонска фудбалска лига, Металург ги одработува во Охрид. „Зелено белите“ формата ја брусат преку контролни натпревари.
– Одигравме неколку контролни натпревари во Негорски Бањи, но во Охрид имаме јаки спаринг партнери и ќе ги бараме „првите“ 11. Веднаш на стартот од шампионатот не очекува меч со Ренова, кој е важен за двете екипи. Не се фокусираме само на еден натпревар туку правиме концепција за целата полусезона – рече Срѓан Захариевски.
Металург се одлучи во првата екипа да донесе свежа крв од младинскиот погон и вклучи дури 15 играчи на зимските подготовки.
– Се гледа нивната желба за напредок. Нема успех преку ноќ. Со младите треба трпеливо да се работи и чекор по чекор да се вклучуваат во екипата. Нашата школа има големи успеси освојувајќи ја титулата во првенството и купот и затоа ние од таму ќе црпиме фудбалери – додаде Захариевски.
Металург по првата полусезона се наоѓа на петтата позиција со 24 бодови и има еден повеќе од шестопласираната Ренова.
Ohridnews