Македонскиот претставник во Лигата на Шампиони, Металург носен од фантастичната шестилјадна публика забележа победа од 24-22 (11-12) над Динамо Минск и испиша историја, влегувајќи во европскиот ракометен крем.


Ракометарите на Металург се прва екипа од Македонија која обезбеди пласман во осумте најдобри на стариот континент.


Избраниците на хрватскиот стратег Лино Червар во првиот дел никако не можеа да ја пронајдат формулата за да го поминат бедемот пред голот на Динамо и да ја зачуваат својата мрежа.


Паузата меѓу двете полувремиња беше полн погодок за ракометарите на Металург. Червар ја промени играта во одбрана, нападот ги намести нишанските справи, а Станиќ со серија интервенции се погрижи за ерупцијата во преполната сала “Борис Трајковски“.


Најпрецизен во составот на Металург со седум погодоци беше Ренато Вугринец, пет постигна Младен Ракчевиќ, по три пати мрежата на Динамо Минск ја погодија Гоце Георгиевски и Наумче Мојсоски.


Металург противникот во 1/4 финалето ќе го добие на ждрепката што ќе се одржи во вторник, откако ќе се комплетираат сите  патници во четвртфиналето од ракометната Лига на шампиони.

Мх.П.