Екипата на Металург е победник на 19. финале од македонскиот фудбалски куп откако во Прилеп го совлада Тетекс со 2-0 со головите на Костенцоски во 14. и Тенекеџиев во 65. минута. Средбата се одигра пред околу 2500 гледачи а големиот пехар на ФФМ на победничката екипа и го врачи градоначалникот на Прилеп Марјан Ристевски.
На прес конференцијата одржана по средбата првиот стратег на текстилците Тони Јакимовски истакна дека победата на Металург е сосема заслужена :
– Направивме две грешки кои противникот знаеше да ги казни. Можеби имаше спорен момент во првиот дел но со тоа сепак не сакам да го намалам успехот на Металург кој беше противник и им посакувам успех и на меѓународната сцена.
Капитенот на текстилците Срѓан Захариевски изјави дека победила подобрата екипа и се заблагодари за добрата организација на средбата, одличниот терен посакувајќи му на ФК Металург одличен европски настап.
– Сигурно дека ја посакувавме оваа титула и таа има голема вредност бидејќи е прва во историјата на овој клуб со големо фудбалско педигре. Ова е круна на одличната полусезона во која игравме добро на речиси сите средби. Потврдивме дека во овој момент имаме квалитет, го надигравме Тетекс. Му честитам на противникот за добрата и витешка игра и пред се му благодарам на спонзорот на екипата за добрите услови што ни ги овозможи оваа сезона и затоа овој успех не е случаен – изјави Жикица Тасевски првиот тренер на „металурзите”.
Пресреќен од победата беше „несудениот ” капитен на тимот од Железарница, Миле Крстев:
– Во мојата богата фудбалска кариера ова е прв трофеј и затоа сум навистина среќен што победивме во ова финале. Се подготвувавме десетина дена само за овој натпревар и потврдивме дека во овој момент сме подобра екипа од Тетекс кој одигра квалитетно и беше тежок противник.
Ohridnews
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com