Фудбалерите на Металург со 2-1 го совладаа новајлијата во Првата лига, Младост од Царев Двор во контролниот натпревар кој го одиграа во Охрид.
Металург до првата победа во подготвителниот период во Охрид стигна со по еден погодок во двете полувремиња. Младост еднаш изедначи, а имаше уште една шанса, но Илиќ успеа да одбрани удар од белата точка.
Двете екипи мечот го започнаа со фудбалерите кои ќе водат битка на теренот низ прволигашките натпревари. Избраниците на Герасимовски први го отворија резултатот по одличната акција која со погодок ја круниса Стојаноски.
Резултатот беше активен до средината од вториот дел кога новата аквизиција на Младост, Цветаноски се ослободи од двајца фудбалери и прецизно центрираше до Илијоски, кој ја затресе мрежата.
Ново водство за „металурзите“ донесе најистурениот фудбалер во екипата Бујчески кој со погодок ја казни грешката на потесната одбрана од Младост.
Новајлијата во елитата преку дефанзивецот Ристески имаше можност да остане непоразен, но Илиќ успеа да го обрани пеналот и да донесе триумф прв за Металург во Охрид.
Ohridnews