Ракометарите на Вардар потешко од очекувањата го совладаа Металург со 26-22 (14-11) во дербито кое години наназад одлучува за тронот во македонскиот ракометен шампионат.
„Црвено црните“ само резултатски ја оправдаа улогата на фаворит на дуелот со „металурзите“ кои без респект влегоа во дерби пресметката.
Таквиот пристап на ракометарите од Автокоманда им донесе водство на почетокот од дербито и се до 20-та минута го контролираа резултатот на мечот.
Вардар со серија голови во финишот од првиот дел го презеде кормилото и на одмор заминаа со плус три на семафарот (14-11).
„Металурзите“ и покрај негативата не се предаваа и во финишот од натпреварот стигнаа до негатива од два погодоци (24-22) и напад.
Пулените на Лино Червар не реализираа, а искусните вардарови ракометари го казнија со два погодоци за победа од четири голови разлика (26-22).
Со овој триумф Вардар направи исчекор кон титулата во Супер лигата и ја прекина низата од 21 меч без пораз на градскиот ривал Металург во националните мечеви.
Фото: Гол.мк
OhridNews