Актуелниот освојувач на трофејот од Купот на Македонија, Металург го престави Вуко Борозан кое е најновото име во составот на Лино Червар. Хрватот со клубот од Автокоманда потпиша договор на две и пол години.

– Среќен сум што станав дел од ракометното семејството на Металург, а чест ми е што тренер ќе ми биде еден од најдобрите стратези во Европа, Червар. Доаѓањето во Металург за мене е голем чекор, но и голема одговорност, затоа што ќе играм во клуб што како име сѐ повеќе значи во Европа. Чест е да се биде во тим каде што брани Дарко Станиќ, а колеги да ми се Ренато Вугринец, Наумче Мојсовски, Павел Атман, најборбениот ракометар што сум го видел Филип Миркуловски… Многу ми е мило што како соиграч повторно ќе го имам Лука Циндриќ, со кого пред извесен период бевме дел во Карловац. Настапите на Металург редовно ги следам со голем интерес и му се восхитувам на борбениот дух што го имаат неговите играчи – рече Борозан по преставувањето.

Задоволство од потпишаниот договор искажа и Червар, кој го продолжува трендот на ангажман на млади ракометари – Свесни сме дека Борозан е млад играч и дека не е звучно име, но големината на еден клуб и еден тренер е некогаш „малиот и талентиран играч“ да го детектира, да го ангажира и од него да направи ракометно име. Како клуб ние немаме буџет за да купуваме готови и звучни имиња, но затоа имаме волја и желба за работа, да наоѓаме и да создаваме имиња.

Борозан може да дебитира веднаш во дресот на Металург ако Червар го сврсти во составот за дуелот со Војдводина во региоаналната СЕХА лига.

Мх.П.