МЗТ Скопје е чекор поблиску до титулата откако во првиот натпревар од финалето го совлада Фени Индустри со тесни 80-78 (20-27, 23-13, 21-15, 16-23). “Металците“ поради подобриот скор во регуларниот дел од сезоната во разигрувањето за титулата влегоа со предност од 1-0, а со триумфот остварен на домашен терен ја дуплираа на 2-0.


По две четвртини им припаднаа на екипите, втората и третата на домаќините додека првата и последната на гостите во таквата игра посреќни излегоа “металците“. Последниот напад на мечот им припадна на Фени Индустри кои преку Лилов се обидоа да ја замолкнат преполната сала “Јане Сандаски“ но шутот на бугарскиот интернационалец заврши во обрачот.


Најефикасен во домашниот состав беше Мијајловиќ со 23 поени, по него следуваа Чековски 17, плејот Стојановски со 15 и репрезентативниот центар Гечевски со 10. Во поразената екипата  Фени Индустри, залудни беа 26-те кошеви на крилниот центар Николоски од кој 19 ги постигна во првата четвртина.

Следниот втор натпревар од финалната серија се игра во салата “Јасмин“ во Кавадарци, точниот датум ќе биде дополнително одреден.

Фото – “Мкд.мк“
Мх.П.