Во соработка со магазинот за здравје и современ живот „Наше здравје“
Метаболниот синдром е нарушување на внесот на енергетски материјал (храна) и нејзино складирање во организмот. Основен дефект во тој процес е кога инсулинот не се користи ефикасно, како последица на зголемени масни наслаги во абдоменот. Во почетокот, организмот успева со зголемено лачење инсулин да ги одржува нивоата на шеќерот и мастите во крвта во нормални граници. Но, со тек на времето клетките од панкреасот се исцрпуваат и тоа доведува до зголемување на нивото на шеќер и масти во крвта. Оваа состојба влијае токсично на крвните садови и го забрзува процесот на артериосклероза. Поедноставено кажано, метаболниот синдром претставува група на ризик фактори за појава на дијабетес и кардиоваскуларна болест.
Ризик фактори
Ризик фактори за појава на овој синдром се: понапредната возраст, машки пол, висок крвен притисок, дијабетес тип 2, зголемени масти во крвта, пушење цигари , дебелеење во пределот на стомакот. Метаболниот синдром е асоциран и од некои други хормонско-метаболни нарушувања: полицистични јајчници (РСОС), замастен црн дроб, еректилна дисфункција (низок тестостерон, зголемена мочна киселина во крвта.
Дијагноза
Во дијагноза на метаболниот синдром главен критериум е централната абдоминална дебелина плус кои било два од следниве фактори:
• Покачени триглицериди ≥ 1,7ммол/Л
• Низок HDL-C ≤ 0,9 ммол/Л (мажи); 1,1 ммол/Л (жени)
• Покачен крвен притисок ≥130/85 ммХг
• Покачен шеќер во крвта на гладно ≥ 5,6 ммол/Л; шеќерна болест
• Централна обезност (дебелина во предел на стомакот) се дефинира како обем на половината поголем од 94 см (мажи) и поголема од 80 см (жени). Ова се вредности кои важат за белата европска раса. За другите раси важат други вредности.
Дознајте дали припаѓате во ризичната група
• Доколку имате над 40 години, дознајте дали сте во групата со висок ризик од кардиоваскуларни болести. Направете лабораториска анализа на вашата урина. Доколку во неа се открие мало количество на белковината албумин, вашиот тест за микроалбуминурија е позитивен. Овој тест е позитивен кај 11% од лицата постари од 40 години (податок од британски истражувачки тим).
• Најчесто луѓето со позитивен тест за микроалбуминурија имаат дијабетес и/ или имаат покачен крвен притисок. Овие луѓе се изложени на поголем ризик од појава на кардио-васкуларни заболувања (инфаркт, мозочен удар, бубрежна болест и др.). Ако сакате навреме да ја детектирате опасноста и рано да го почнете лекувањето, не чекајте, направете тест за микроалбуминурија. Со навремено лекување ќе ја спречите појавата на катастрофални последици по вашето здравје. Тестот се препорачува кај сите лица постари од 40 години. Овој тест е дел од прегледите кај пациенти со дијабетес и хипертензија.
Преземете серизони мерки за подобрување на здравјето
• Доколку вашиот лекар ви дијагностицирал метаболен синдром, не очајувајте. Сфатете го тоа како повик за будење. Тоа е време да преземете сериозни мерки за подобрување на вашето здравје. Променете ги вашите нездрави животни навики (нездрава и обилна исхрана, премалку физичка активност). Намалете ја вашата телесна тежина со консумирање здрава храна и зголемена и редовна физичка активност. На тој начин ќе ги спречите идните тешки последици на метаболниот синдром врз вашето здравје.
„Темата е дел од првото издание на специјализираниот магазин за здравје и современ живот „Наше здравје“ на аптекарскиот бренд „Виа Фарм“ и Стоматолошкиот центар „Д-р Баткоски“. Со цел да ги приближи темите поблиску до поширок круг на читатели, тимот на магазинот „Наше здравје“ неделно ќе објавува по една актуелна тема во рубриката „Здравје“ на OhridNews.