Јужноафриканската Република (ЈАР) почнува кампања за имунизација со вакцината на „Џонсон&Џонсон˝ против Ковид-19 откако истражувањата покажаа дека планираната вакцина на „АстраЗенека“ дава намалена заштита од доминантниот вид на коронавирусот во оваа земја.
Нашиот план да почнеме со имунизација не е променет, освен што ќе почнеме со вакцината на „Џонсон&Џонсон“ место со вакцината на „АстраЗенека, се наведува во владиното соопштение, пренесено од британските медиуми.
Висок службеник на Министерството за здравство на Јужна Африка, Анбан Пилаи, за државното радио SABC изјави дека вакцината на „Џонсон & Џонсон“ се покажала добра и дека тестовите откриле дека е многу ефикасна во спречување на хоспитализациите и смртни случаи, а може да се чува и во обичен фрижидер. Пилаи го додаде и фактот дека државниот регулатор САХПРА се уште не ја одобрил вакцината, но дека постапката тече од крајот на минатата година.
Земјата, која забележа најголеми инфекции со коронавирусот во Африка и има над 46.000 смртни случаи, планираше вакцинацијата на здравствените работници да ја почне со вакцината на „АстраЗенека“, но го прекина планот, а владата вчера соопшти дека вакцината на „Џонсон & Џонсон“ ќе биде достапна од средина на февруари.
OhridNews