Повеќе од 100 лица се потпишаа на Петицијата што ја покренаа Урбаната заедница, еколошкото друштво „Лагадин“, локалните жителите и сопственици на викенд куќи и приватни сместувачки капацитети, со која бараат од владата да се откаже од идејата за изградба на „Медитеранска плажа“ во населбата „Лагадин“.
Потписниците на петицијата сметаат дека изградбата на новата плажа, која според најавите треба да започне кон средината на овој месец и да трае до август, ќе се одрази на туризмот, а ќе биде загрозен и езерскиот еко систем.
-На иституциите им предочивме дека во прилог наш, но и општествен, да се сочува природното богатство, да се сочува еко системот во населбата. Со урбанизација на оваа плажа би дошло до сечење на трската која е заштитен вид, тоа би повлекло уништување на ендемски видови кои тука живеат, бидејќи во трската се размножуваат риби и птици. – истакна Александар Филдишевски од Урбаната заедница „Лагадин“.
Медитеранот е далеку од Охрид, вели Горан Бошковски, потписник на петицијата. Според него локацијата не е најсоодветна за таква плажа, а дополнително структурата на гости кои се сместуваат во бројните капацитети во Лагадин не соодветствува на предвидените содржини.
–Да се урбанизира овој дел со таква плажа не е во ред поради објектите кои веќе се изградени во Лагадин каде доаѓаат фамилијарни луѓе, а таа плажа сигурно подразбира содржини со шанкови, музика, со работно време продолжено, што би ги вознемирувало гостите. Од друга страна со навлегување во езерото со платформи би го загрозиле еко системот и сметам дека повеќе би загубиле отклолку што би добиле. Би било соодветно да се уреди и да се урбанизира просторот, но прво треба да се реши патот кој е поголем проблем отколку самата плажа. – рече Бошковски.
Медитеранската плажа ќе се протега во должина од 500 метри. Ќе содржи сервисен пункт, шанкови, платформи во вода, молови за прифаќање на пловни објекти и спортски игралишта. Покрај песочен дел ќе има и зелени оази, а во цела должина на плажата ќе бидат засадени палми. Ништо од тоа не е автентично за Охрид, велат жители на Лагадин.
-Зошто би имале Медитеранска плажа? Да покажеме нешто наше, да ја покажеме нашата убавина. Не се согласувам да се гради нешто големо тука, да се искомерцијализира оваа плажа, па да се прават „лумперајки“ цела ноќ, туку да остане мирно место каде ќе може да се рекреира и ужива.
-Не би поддржала план да се модернизира, но би подржала план да се исчисти, вака како што е убаво изгледа само да се исчисти и дотера.- коментираат жители на Лагадин.
Потпишувањето на петицијата ќе продолжи и наредните денови. Таа ќе биде испратена до владата, премиерот, министерстватао за транспорт и врски и за животна средина, до локалната самоуправа и градоначалникот на општина Охрид. Потписниците очекуваат институциите да ги земат предвид нивните забелешки и да ја преиспитаат одлуката за изградба на Медитеранска плажа во туристичката населба Лагадин.
Г.М.