Месечината оваа ноќ ќе биде поголема за 14 отсто, ќе сјае 30 отсто посилно и ќе биде најблиску до Земјата.
 
Како што јавува „Макфакс“, полната Месечина ќе заземе „супер перигеј“ (положба најблиску до Земјата), па ќе може да се набљудува со полн сјај и големина, соопштија од  НАСА.
 
Кога е во перигеј (термин за точка на патување на некое небесно тело во орбитата околу Земјата во која телото е најблиску до Земјата) полна Месечина изгледа поинаку поради елиптичната обиколка на својата орбита.
 
Месечината отприлика е 50 илјади километри блиску до Земјата, отколку кога се наоѓа во најоддалечената точка на својата орбита, која се нарекува апогеј.
 
„Месечината во близина на перигеј изгледа 14 проценти поголема и 30 отсто посјајна отколку кога е во апогеј“, соопштија од НАСА.
 
Кога месечината се наоѓа во перигеј, по мислење на многу научници, може да предизвика земјотреси и ерупции на вулкани.
 
Месечината што ќе изгледа толку блиску што „за малку“ ќе можете и да ја „фатите“, ќе биде оддалечена од Земјата, 356.577 километри.
 
Последен пат месечината беше така блиску до Земјата во март 1993 година, а следното гледање на полна месечина во перигеј,  ќе биде дури во 2029 година.

OhridNews
извор: „Макфакс“