Градоначалникот на Струга Рамиз Мерко, по неколкудневен молк кој уследи по ставањето на црната листа од страна на САД поради, како што се наведува, вмешаност во висока корупција и влијание врз судството, денеска се огласи на неговиот фејсбук профил, изразувајќи подготвеност за соработка со правосудните органи во земјата.

По најновиот развој на настаните во врска со одлуката на американскиот Стејт Департмент, не сакав да комуницирам во корист на процесите, за кои ќе бидам отворен како и секогаш за поддршка на правдата и за секој процес пред правосудните органи. Oд страна на институцијата Општина Струга, како и од моја страна, ќе ја доставyвам навреме и што е можно поскоро секоја потребна документација, бидејќи секогаш сум бил транспарентен за органите на правдата и за сите други институции, истакна Мерко.

За ова и за доброто на процесот, решив да ја замрзнам секоја активност во партиските структури до затворање на процесите важни за сите, додава Мерко.

Тој изрази благодарност до граѓаните за поддршката, како и до САД за се што направиле за Струга и Македонија.

Од претседателот Вилсон до денес, Соединетите Американски Држави се наш сојузник во секој предизвик и заедно остваривме многу значајни проекти за државата, градот и граѓаните на Струга. Секогаш ја поздравувам и ја поддржувам континуираната американска поддршка за нашата земја и граѓаните на Струга, напиша Мерко.

Г.М.